Веројатно омилената форма на хумор во светот е сарказмот, каде повеќето ќе се сложат со Оскар Вајлд дека тоа е и „највисоката форма на интелигенција“ во изразувањето. Денес, кога алатките за вештачка интелигенција галопирачки се развиваат, а ние ги присвојуваме речиси за повеќето активности во нашето секојдневие, можеби единствените контрааргументи кои ги имаме против Chat GPT е дека тој никогаш нема да ја има човечката смисла за хумор која ќе го направи достоен за нашето внимание и восхит на неговите генерирани содржини. Но, дали и на тоа се наѕира крајот и се гледа можниот „официјален почеток“ на општата вештачка интелигенција?
Ако денешната вештачка интелигенција и нејзиното разбирање и користење на цинизмот го наречеме Шелдон, тогаш генеративната вештачка интелигенција и очекувањата од неа се дефинитивно Чендлер. И токму така – некои од истражувачите и научниците, кои работат на идејата за развивање софтвер кој ќе „зборува човечки“ користејќи и сарказам меѓу другите когнитивни способности, веќе се навлезени во проблематиката на мултимодалните пристапи за откривање на сарказам. Една од студиите открива база на податоци за сарказам, која, меѓу другите, најмногу се темели на двете најгледани ситкоми во последниве 30 години – Friends и Big Bang Theory.
Наречена MUStARD (Multimodal Sarcasm Detection Dataset), оваа база на податоци е презентирана од истражувачи од САД и Сингапур и се состои од аудиовизуелни искази кои се нотирани со сарказам етикети, каде секој исказ е придружен со неговиот контекст на историски искази во дијалогот, што дава дополнителни информации за сценариото каде што се јавува исказот, пренесува The Guardian.
По извршените обработки на текстот и аудитивните показатели, како и на оние кои ја отсликуваат емоционалната импликација на зборовите, ВИ успеала да открие вистински сарказам дури и во искази кои не биле означени како такви во ситкомите во 75% од времето. На ред е и користење на синтетички податоци за дополнително зголемување на точноста – истражување кое наскоро ќе биде објавено. Ваквите резултати донесуваат добри вести и во други насоки и други аспекти на користење на ВИ комуникацијата и говорот, навестувајќи го можниот пристап за откривање на негативен тон и говор на омраза.
Колку далеку можеме да отидеме со развивање на вештачката интелигенција во насока да таа може да идентификува интелигентен хумор е предизвик и за истражувачите од лабораторијата за говорна технологија при Универзитетот во Гронинген, Холандија. Тие успеаја да создадат детектор за сарказам управуван со вештачка интелигенција, кој може веродостојно да препознава кога се користи оваа т.н. највисока форма на интелигенција. Не станува збор само за алгоритмите за учење туку и способноста за толкување, бидејќи користењето на стилските фигури при изразувањето, како што се сарказмот, цинизмот, иронијата итн., всушност имплицираат значење спротивно на буквалното.
Во секој случај, интересни времиња нé очекуваат за нашата интеракција со машините. Ретко кој не би посакал да може да си муабети со Шелдон Купер или Чендлер Бинг токму на онаа нивна “hillarious“ бранова должина.