Изјавата на Алтман доаѓа како ладен туш за милиони корисници кои секојдневно споделуваат чувствителни информации со chatbot-от. Според зборовите на извршниот директор на OpenAI, ниту еден разговор со ChatGPT не е законски заштитен, без разлика на темата, тонот или намерата на корисникот.
„ChatGPT не е ваш адвокат. Не е ваш терапевт. И секако не е духовник“, порача Алтман на еден од неодамнешните настани. „Луѓето мора да сфатат дека она што го внесуваат во системот не е предмет на никаква законска гаранција за приватност“, изјави тој, пренесе EconomicTimes.
Што сè бараат корисниците од ChatGPT?
Оваа порака доаѓа во момент кога сè повеќе корисници ја користат вештачката интелигенција како замена за традиционални професионални консултации барајќи совети за депресија, анксиозност, разводи, даночни дилеми, па дури и кривични постапки. Фактот дека тие внесови се евидентирани, потенцијално анализирани и не подлежат на заштита на професионална тајна предизвикува оправдана загриженост.
Алтман нагласи дека OpenAI, иако им нуди на корисниците опции за бришење на историјата на разговори, сепак може привремено да чува делови од конверзациите со цел подобрување на моделот и детекција на злоупотреби. Со други зборови, корисникот никогаш не може да биде сигурен дека она што го кажал „во доверба“ на AI алатот навистина останува доверливо.
„Довербата е клучна за било кој облик на советување, но AI системите сè уште немаат капацитет правно да ја преземат таа одговорност“, вели еден стручњак за дигитална етика. „Луѓето проектираат очекувања од реалниот свет врз алгоритми кои не се создадени да ги исполнат.“
Иако Алтман не ја исклучи можноста во иднина AI да биде правно интегриран во рамка на услуги кои бараат доверливост, јасно порача дека тоа сега не е случај. Отворено ги повика законодавците и технолошката индустрија заеднички да работат на воспоставување јасни стандарди за тоа како се користат AI алатите и кои граници мора да постојат.
За сега, на корисниците им останува да бидат претпазливи. ChatGPT може да даде добар совет, но не може да ја сноси одговорноста за последиците од тој совет. Може да слуша, но не заборава. И може да разбере – но не е обврзан да молчи.
Извор: web-mind.rs