Galaxy Watch7 е уред од новата серија паметни часовници на Samsung кој поседува мноштво функции унапредени и „зајакнати“ со вештачка интелигенција кои го направија овој уред корисен од многу аспекти во моето секојдневие.
Извор: К.Б.
На прв поглед дизајнот на часовникот зрачи со препознатливиот префинет стил на Samsung часовници од поновите генерации. Рамното сафирно стакло слеано со тенката алуминиумска рамка е извонредно отпорно на гребаници, а следејќи ја рамката со прстот се скрола на екранот по функциите на уредот. На десната страна од рамката елегантно се вметнати и двете копчиња, кои меѓу другото и служат за отчитувања на одредени параметри благодарение на нивните сензори.
Извор: К.Б.
Кога станува збор за изгледот на самиот часовник, за мене особено интересна карактеристика е фактот што можев да ги прилагодувам боите на позадината на екранот или на стрелките на часовникот секој ден во различни бои, зависно во каква комбинација сум облечена. Веќе тука на овој гаџет веќе не гледате само како на тек-уред, туку и како на моден детал или дел од наќит.
Извор: К.Б.
Посакувана поддршка за активен и здрав живот
Во денешното време на брзо живеење на сите ни е потребно некој да нé следи колку го размрдуваме телото со физичка активност, имајќи предвид колку часови дневно минуваме седејќи на компјутер. Токму за тоа – за поттик и за мотивирање за поинтензивно движење, Galaxy Watch7 за мене заврши голема работа.
Извор: К.Б.
На самиот почеток од носењето на часовникот во него ја впишав мојата прва цел и следев кога ја исполнувам: 6000 чекори на ден. Денес месец дена подоцна, благодарение на часовникот точно знам во денот колку треба да се движам за да го постигнам резултатот, и оваа бројка воопшто не ми изгледа недостижна како на почетокот. За време додека сум активна, часовникот ми дава увид во работата на моето срце, нивото на стрес, брзината со која се движам и временската динамика и уште други показатели. Во изборот на вежби, може да се одбере конкретна активност: На пример, ако тоа е пешачење, тогаш часовникот, поврзан во телефонот и со помош на џи-пи-ес ќе ја исцрта целата маршрута и заедно со сите метрики од активноста, ќе ви ги прикаже на телефонот, во апликација Samsung Health. Трчање, пливање, планинарење, велосипедизам, фитнес и останати, треба само да се избере активноста. Исто така, си имам и јасен месечен преглед кога сум ја постигнала целта, а кога сум била мрзелива.
Други показатели за состојбата на телото
Покрај податоци и преглед за секојдневната физичка активност, Galaxy Watch7 може да информира и за други телесни показатели, како нивото на стрес во текот на денот (и доколку треба, дава вежби за намалување на истиот), кислород во крвта, срцев ритам, состав на телото со мускулната маса, energy score, а со притискање на двете копчиња се добиваат и ЕКГ резултат, крвен притисок. Исто така, и во текот на ноќта, додека телото се одмора, часовникот си ги врши мерењата, па така наутро имам увид колку време сум била будна, колку траеле фазите на спиење и длабокиот сон и на крајот, го оценува и квалитетот на спиењето. Меѓу другото, детектира и звук на хрчење во текот на ноќта.
Извор: К.Б.
Но, многу поважно е што во текот на ноќта часовникот и следи можна појава на апнеја, и доколку ја детектира, праќа известувања и предупредувања до корисникот, вели производителот и додава дека сите овие мерења се овозможени од напредниот BioActive сензор вграден во уредот, кој покажува уште попрецизни статистики од оној на часовниците од претходната серија на Samsung. Искористеноста на ВИ во функциите на часовникот се огледува и во неговата способност да дава совети според претходни резултати од физичката активност, следење на срцето, стресот, сонот и други параметри и да предупреди доколку совет од лекар е потребен. Но, и во прелагање на смс комуникација според претходни содржини на пораки.
Доколку функции за мерење во часовникот постојано се користат, тогаш батеријата ќе треба да се полни поредовно. Иако јас го полнев уредот после ден ипол од користење, моја препорака е полнење секоја вечер.
Сé на сé, Galaxy Watch7 е извонреден паметен часовник кој одлично ја исполнува улогата на личен асистент за одржување во добра физичка форма, кој го следи здравјето на корисникот, алармира кога е потребно, советува за уште подобар личен перформанс и естетски ги задоволува модните критериум за елегантен изглед и тренди детал.
Извор: К.Б.