Дизајнот поважен од интимата: Патниците бараат ѕидови и врати на тоалетите во хотелските соби

Замислете го ова: викенд-патување со личност со која сте во врска само неколку месеци. Сè оди како што треба, хотелот изгледа совршено, локацијата одлична, дизајнот „забавен“, како што велат рецензиите. Ја отворате вратата од собата и сфаќате дека ќе се запознаете побрзо отколку што сте планирале. Бидејќи меѓу креветот и тоалетот стои само стакло.

dizajn-5608-fi

Извор: Freepik

Кога дизајнот стана поважен од интимата

Во последните дваесетина години, хотелскиот дизајн тргна по патот на „отворените простори“. Ѕидовите исчезнуваат, вратите се претвораат во лизгачки панели, а бањите буквално влегуваат во собата.

Сè започна како идеја за луксуз: повеќе светлина, повеќе простор, повеќе „wow ефект“. Но, некаде по патот, се изгуби нешто многу поедноставно – приватноста.

Тенки панели од матирано стакло, полуотворени кабини, врати кои не се затвораат до крај. Визуелно можеби е елегантно. Во пракса, непријатно. Бидејќи постојат работи кои не сакате да ги делите, дури ни со личноста која ја сакате. А камоли со колега од службен пат.

Патниците рекоа „доста е“

Доволно е да ѕирнете на платформите како TripAdvisor или на форумите како Reddit за да сфатите ова не е осамен проблем. Луѓето се жалат, се нервираат, пишуваат долги рецензии за нешто што би требало да биде основно: да можеш да ја затвориш вратата.

Токму од таа фрустрација настана мал, но гласен бунт. Американската маркетерка Сејди Лоуел одлучи да направи нешто конкретно. Го лансираше сајтот Bringbackdoors.com база на хотели ширум светот, со еден клучен критериум: дали бањата има врата или не.

Идејата настана по патување во Лондон со нејзиниот татко, кога влегле во соба со два одвоени кревети и без никаква приватност во бањата. Парадоксот беше очигледен. Ако делиш соба со некој со кого не си близок приватноста не е луксуз. Таа е минимум. Денес, сајтот брои стотици пријави од целиот свет. Луѓето споделуваат искуства, фотографии, предупредувања. Настанува заедница на оние кои само сакаат врата.

Интересно е што Лоуел не ги дели собите само на „добри“ и „лоши“.

Категории:

  • целосен хаос – без врата, без криење;
  • „50% приватност“ – стаклена врата со малку импровизација;
  • визуелна приватност, но без звучна и „мирисна“ заштита.

Со други зборови: дури и кога не гледате, честопати слушате. И тоа менува сè.

Како воопшто дојдовме дотука?

Дизајнерите имаат свое објаснување. Отворените бањи првпат станаа популарни на крајот на 20 век, кога луксузните хотели почнаа да експериментираат со просторот. Еден од пионерите беше Park Hyatt Tokyo, каде матираните стакла и транспарентните елементи делуваа футуристички и храбро.

Во тој момент, тоа беше освежување. Денес често делува како грешка која се повторува. Бидејќи она што изгледа добро на фотографија, не мора да функционира во реалниот живот. Постојат ситуации во кои отворената бања има смисла голем апартман на тропска дестинација, поглед на море. Доволно простор за приватноста да се подразбира, дури и без ѕидови.

Но, мала хотелска соба, два кревети, деловен пат? Тука дизајнот престанува да биде интересен и почнува да биде проблем.

Враќање кон основите

Можеби целата приказна за хотелските бањи е всушност приказна за нешто пошироко. За тоа како, во желбата сè да биде поинакво, заборавивме зошто некои нешта постоеле.

Вратите не се досадни. Вратите не се старомодни. Вратите се граница.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.