Најинтересните нови музеи не го редефинираат само начинот на кој гледаме на уметноста, науката и историјата, туку и самата улога на музејот во современото општество. Тоа веќе не е само простор за изложување, туку места за средба, дијалог и заедничко искуство.
Нови музеи ширум светот во 2026 година
Центар за современа уметност (CCA) во Ташкент, Узбекистан
Отворањето во март 2026 година го позиционира Центарот за современа уметност (CCA) во Ташкент како еден од најамбициозните културни проекти во Централна Азија. Иницијативата на Узбекистанската фондација за развој на уметноста и културата (ACDF) има јасна цел: Узбекистан да стане релевантна точка за меѓународна уметничка размена и современо творештво.
CCA се наоѓа во обновена индустриска зграда од 1912 година, некогашна дизел станица и трамвајско депо, која ја трансформира реномираното архитектонско студио Studio KO. Новиот простор ја комбинира минималистичката архитектура со чувство за историски континуитет.
Музејот ќе биде бесплатен и отворен за сите, замислен како културно средиште на заедницата, со библиотека, работилници и кафе-бар. Покрај изложбите и јавните програми, CCA ќе нуди резидентни програми, стипендии и соработка со лондонската Architectural Association.
MoN Takanawa: The Museum of Narratives, Токио, Јапонија
Во рамките на урбаниот проект Takanawa Gateway City, MoN Takanawa претставува футуристички одговор на Јапонија на прашањето што може да биде музејот денес. Оваа импозантна градба со шест надземни и три подземни нивоа ги спојува уметноста, науката, технологијата, забавата и традиционалната јапонска култура.
Една од клучните идеи на музејот е на секои шест месеци да се воведува нова тематска целина, која ќе се рефлектира преку изложби, перформанси и интерактивни програми. Просторот опфаќа големи флексибилни сали, експериментални зони за ноќни програми, театар со LED сцена, како и простран „татами“ простор за реинтерпретација на традицијата со помош на современа технологија.
Екстериерот е потпишан од Kengo Kuma & Associates, а архитектонското решение им овозможува на посетителите со благо искачување да се движат низ зградата сè до покривната градина, каде што ќе се организираат настани посветени на цветањето на црешите или набљудувањето на Месечината.
V&A East, Лондон, Велика Британија
Музејот V&A East, кој се отвора во април 2026 година во олимпискиот парк „Кралица Елизабета“, претставува нова фаза на една од највлијателните музејски институции во светот. Дизајниран од студиото O’Donnell + Tuomey, музејот е тесно поврзан со локалната заедница на источен Лондон.
Просторот на пет ката ги обединува дизајнот, модата, музиката и перформансот, а првиот голем проект, „The Music is Black: A British Story“, го истражува влијанието на црнечката британска музика врз културниот идентитет на земјата од 1900 година до денес. Изложбата вклучува лични предмети и архивски материјали, но и силно се потпира на звукот како наративна алатка.
Dataland, Лос Анџелес, САД
Дигиталниот музеј Dataland, кој стои зад уметничката визија на Рефик Анадол, најавува нова ера на музеи засновани на вештачка интелигенција. Сместен во комплексот The Grand LA, проектиран од Френк Гери, овој простор функционира како организам во кој човечката имагинација се среќава со машинската креативност.
На повеќе од 2.300 квадратни метри, Dataland ќе содржи пет галерии посветени на впечатлива уметност настаната со користење податоци и алгоритми. Посебно место зазема Infinity Room, култната инсталација на Анадол, која сега се појавува во технолошки унапредена верзија со мириси генерирани од AI и напредни модели кои го разбираат физичкиот простор и движењето.
Quentin Blake Centre for Illustration, Лондон, Велика Британија
Отворањето на Quentin Blake Centre for Illustration во мај 2026 година претставува историски момент за британската културна сцена. Ова ќе биде првата и единствена институција во Обединетото Кралство посветена исклучиво на илустрацијата и тоа во нејзиното најшироко и најинклузивно значење.
Центарот го основаше самиот Квентин Блејк уште во 2002 година, со визија илустрацијата да стане достапно средство за изразување, разбирање и комуникација за сите генерации. Неговиот постојан дом е пронајден во 2019 година во комплексот New River Head во Клеркенвел, некогашна запуштена историска водоводна постројка, која сега добива нова културна функција.
National Geographic Museum of Exploration, Вашингтон, САД
Во летото 2026 година, National Geographic Society го отвора Museum of Exploration како дел од темелно обновениот кампус во Вашингтон. Музејот, со површина од околу 9.300 квадратни метри, е осмислен како продолжение на мисијата на оваа институција да инспирира, едуцира и да ги заштити чудата на светот.
Посетителите ќе влегуваат низ препознатливата „жолта рамка“, додека внатре ги очекуваат впечатливи изложби, современ театар со 400 седишта, како и ноќна атракција со проекции, звучни пејзажи и интерактивни медиуми.
Музеј Лах (Lah), Блед, Словенија
Во идиличниот пејзаж на Јулиските Алпи, Музејот Лах носи спој на современата уметност и природата. Отворањето во текот на летото 2026 година ќе овозможи за првпат колекцијата на фондацијата „Лах“ да стане достапна за јавноста.
Музејот е проектиран од David Chipperfield Architects, а архитектурата внимателно одговара како на планинското опкружување, така и на димензиите и карактерот на уметничките дела. Покрај галериите, музејот ќе има библиотека, истражувачки центар, ресторан и градини со скулптури.
Lucas Museum of Narrative Art, Лос Анџелес, САД
Во септември 2026 година, по долго исчекување, Lucas Museum of Narrative Art конечно се отвора во Exposition Park во Лос Анџелес. Основан од страна на Џорџ Лукас и Мелоди Хобсон, музејот е замислен како прва институција во светот посветена на наративната уметност.
Со повеќе од 40.000 дела од стрипови и илустрации на детски книги до фотографија и филмски архиви, музејот истражува како луѓето преку слики раскажуваат приказни. Колекцијата опфаќа имиња како Норман Роквел, Беатрикс Потер и Фрида Кало, како и богатата архива на Лукас со филмски реквизити и концептуална уметност.
Guggenheim Abu Dhabi, Абу Даби, ОАЕ
Отворањето на музејот Guggenheim Abu Dhabi, планирано за 2026 година во рамките на културниот дистрикт Saadiyat, дополнително го зацврстува Абу Даби како едно од клучните светски културни јадра. Музејот им се придружува на институциите како Louvre Abu Dhabi и Zayed National Museum.
Проектот на зградата е на Френк Гери, а музејот ќе биде посветен на модерната и современата уметност од 1960-тите до денес. Колекцијата има изразен глобален карактер, со посебен фокус на уметници од Западна Азија, Северна Африка и Јужна Азија.
Додека културната мапа на светот забрзано се менува, новите музеи во 2026 година го покажуваат правецот во кој се движат современата уметност и институциите кон глобална перспектива, интердисциплинарност и активно вклучување на публиката.
Извор: wannabemagazine.rs