Чукачи на прозорци и часовници од свеќи: Како луѓето се буделе пред будилниците

Од свеќи кои секој час испуштале метални игли до „чукачи на прозорци“ од индустриска Британија, луѓето низ историјата смислувале разни досетливи начини за да се разбудат навреме.

budilnici-5556-fi

Извор: Freepik

За време на индустриската револуција во Британија, новите фабрики имале потреба од строго мерење на времето вклучувајќи и многу попрецизен почеток на работното време. Работник кој би задоцнил само пет минути, можел да ја забави целата производствена линија и со тоа да му нанесе загуби на работодавачот. Било потребно сигурно решение за будење навреме, особено во текот на мрачните зимски месеци, а иако раните будилници тогаш веќе постоеле, тие биле премногу скапи за просечниот работник.

Професионални „човечки будилници“

Наместо скапи уреди, се развило цела професија посветена на будењето на луѓето: таканаречените „чукачи на прозорци“. Овие „човечки будилници“ поминувале низ улиците чукајќи по прозорците со долги стапови или дури гаѓајќи ги со грашок. Тие стоеле пред прозорецот сè додека не добиеле одговор од клиентот, односно додека не биле сигурни дека личноста е будна.

Слични занимања постоеле и во многу други општества, особено во муслиманските заедници за време на Рамазан. Во 19 век, слични професии се појавиле и во други европски земји во Италија постоеле т.н. „hooter-i“, а во Франција „réveilleur-i“, кои користеле продорни свирчиња за да ги будат луѓето.

Чукачите често останувале будни цела ноќ, а почнувале со работа веќе во три часот наутро. Ова занимање во главно исчезнало до 1920-тите години, кога будилниците станале подостапни и поевтини.

Живот во ритамот на природата

Пред индустријализацијата, будењето најчесто зависело од дневната светлина и внатрешната рутина. Во многу прединдустриски општества, животот го следел ритамот на изгревањето и заоѓањето на сонцето, што ги обликувало циркадијалните ритми на внатрешните биолошки часовници кои го регулираат спиењето и будењето.

Звуците на природата играле голема улога. Кукурикањето на петелот било еден од најпознатите сигнали за почетокот на денот, додека „утринскиот хор“ на птиците исто така го означувал осамнувањето. Во многу заедници се користеле и камбани – особено црковните, кои се огласувале на секој час.

Рани технолошки решенија

Покрај природните сигнали, постоеле и рани форми на персонализирани „будилници“:

  • Водени часовници (клепсидри): Во стара Грција, филозофот Платон прилагодил таков уред да произведува звук налик на свиреж кога притисокот на водата ќе порасне.
  • Часовници од свеќа: Во Кина се користеле свеќи во кои биле забиени игли или клинци. Кога свеќата горела до одредено ниво, иглата паѓала во метален сад, произведувајќи звук.
  • Механички часовници: Веќе во 15 век, некои домашни часовници имале сложени механизми со аларми што ѕвонеле во точно одредено време, но тие биле луксуз резервиран за најбогатите.

Лекции од минатото

Иако денес се потпираме на паметни телефони, некои навики од минатото и денес имаат вредност. Изложеноста на утринската светлина е клучна за регулација на биоритамот, додека вештачкото светло навечер може да го одложи заспивањето. Старите методи нè потсетуваат на важноста на „хигиената на сонот“ од уредувањето на просторот за спиење до одржувањето на редовно време за одење во кревет, што современите истражувања го потврдуваат како клучен фактор за здравјето.

Извор: odrzime.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.