Интернетот повторно го „разоткри“ Бенкси, но дали е тоа навистина тој?

Со децении, идентитетот на уметникот познат под името Бенкси (Banksy) беше една од најголемите мистерии на современата уметност. Неговите дела настануваат преку ноќ, а исчезнуваат во аукциските сали за милиони. Меѓутоа, нова фотографија и детална истрага повторно го покренаа прашањето: дали анонимниот генијалец е конечно разоткриен?

banksy-5359-fi

Извор: Unsplash/Niv Singer

Според опсежното истражување на агенцијата Reuters, зад името Бенкси најверојатно стои Робин Канингем (Robin Gunningham), 52-годишник од Бристол. Иако оваа теорија не е нова, сега е дополнително поткрепена со фотографии и анализа која го поврзува неговиот идентитет со познатиот уметник.

Една од клучните фотографии настанала уште во 2004 година на островот Јамајка, каде што Канингем престојувал за да работи на уметнички проекти за музичката индустрија. На сликата се гледа маж во опуштено издание, маица, фармерки, очила за сонце како е чучнат покрај спреј за графити. Токму тој кадар денес важи за една од ретките автентични визуелни потврди за идентитетот на уметникот.

Фотографијата ја направил Питер Дин Рикардс, кој во тој период соработувал со издавачката куќа Wall of Sound. Нивната соработка, меѓутоа, завршила со конфликт, по што Рикардс јавно го критикуваше Бенкси, нарекувајќи ја неговата работа „псевдо-хуманитарна“.

Истите фотографии стигнаа во јавноста уште во 2004 година преку британскиот весник Evening Standard, но тогаш беа демантирани од страна на менаџерот на уметникот, Стив Лазаридес. Сепак, новата анализа укажува на совпаѓање на деталите од накитот и часовникот до физичките карактеристики и тетоважите со поранешните снимки на Бенкси.

Дополнителна тежина на теоријата ѝ дава и податокот дека Канингем наводно во 2008 година го променил името во Дејвид Џонс, едно од најчестите имиња во Велика Британија, што би му овозможило уште полесно да се „сокрие“.

Мистерија која трае подолго од две децении

Иако името на Робин Канингем во овој контекст се споменува уште од 2008 година, кога првпат беше идентификуван од британскиот Daily Mail, идентитетот на Бенкси никогаш не е официјално потврден.

Интересно е што во 2016 година беше спроведена и научна анализа со користење на методот на геопрофилирање – техника која инаку се користи во криминалистиката со која локациите на делата на Бенкси беа поврзани со движењето на Канингем.

Истовремено, со години постоеше и популарна теорија дека зад псевдонимот се крие Роберт Дел Наја од бендот Massive Attack, делумно поради неговото минато во графити културата и совпаѓањето на турнеите со појавувањето на мурали ширум светот. Најновата истрага, меѓутоа, практично ја отфрла таа теорија.

Некои одат и чекор понатаму, тврдејќи дека Бенкси воопшто не е една личност, туку колектив од уметници кој делува под едно име што би го објаснило обемот и логистиката на неговите проекти.

Зошто анонимноста е клучна

Без оглед на тоа дали мистеријата е навистина решена, едно е сигурно, анонимноста е дел од идентитетот на Бенкси исто колку и неговите дела.

Неговата уметност, која често носи силни политички и општествени пораки, токму благодарение на анонимноста ја избегнува персонализацијата и фокусот го става на пораката, а не на авторот.

Истовремено, таа иста анонимност создаде и силен пазарен феномен делата на Бенкси денес се продаваат за милиони, а секоја трага за неговиот идентитет дополнително го подгрева интересот на јавноста. Затоа можеби вистинското прашање не е кој е Бенкси, туку дали неговата уметност би го имала истиот ефект кога со сигурност би го знаеле тоа.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.