Google има една важна поставка која речиси никој не ја користи

Повеќето луѓе секојдневно го користат пребарувачот на Google, но малкумина знаат дека постои едноставна поставка која може да помогне личните податоци да се отстранат од резултатите од пребарувањето. Станува збор за алатка која автоматски следи дали на интернет се појавуваат информации како адреса, телефонски број или е-пошта и им овозможува на корисниците да побараат нивно отстранување од резултатите на Google. Иако е бесплатна и релативно едноставна за користење, оваа опција и понатаму е речиси непозната за пошироката јавност.

google-5313-fi

Извор: Freepik

Google во последните години разви алатка под називот “Results about you”, која на корисниците им овозможува поголема контрола врз сопствениот дигитален отпечаток. Идејата е едноставна: ако на интернет се појават чувствителни лични податоци како адреса на живеење, телефонски број или е-пошта корисникот може да побара таквите резултати да се отстранат од пребарувањето на Google.

Во пракса, тоа значи дека некој што го пребарува вашето име многу потешко може да дојде до такви информации, дури и ако тие и понатаму постојат на самата веб-страница на која се објавени.

Како функционира скриената опција на Google

Кога корисникот ќе ја вклучи оваа функција, Google почнува да ги следи резултатите од пребарувањето и го известува доколку некаде се појават податоци поврзани со неговото име. Системот потоа овозможува многу едноставно да се испрати барање за отстранување на резултатите кои ги содржат тие информации.

Оваа опција е дополнително унапредена во последните месеци. Системот сега може да детектира и почуствителни податоци, како што се броеви од лични документи пасоши, возачки дозволи или други идентификациски броеви. Кога ќе биде пронајден таков резултат, корисникот добива известување и може веднаш да побара негово отстранување од пребарувањето.

Важно е, меѓутоа, да се разбере едно ограничување. Отстранувањето од резултатите на Google не значи дека содржината исчезнала од интернетот. Страницата на која се наоѓа податокот и понатаму постои, но е многу потешко да се пронајде преку пребарување. Со други зборови, оваа алатка не ги брише информациите од интернетот, но значително ја намалува нивната видливост.

Зошто оваа опција стана важна

Сè поголем дел од личните податоци денес завршуваат на интернет често и без намера на самите корисници. Стари огласи, бази на податоци, социјални мрежи или разни јавни регистри можат да содржат информации кои остануваат достапни со години, пишува BBC.

Истовремено, пребарувачите станаа главна влезна точка до тие информации. Кога нечие име ќе се напише во пребарувањето, често се појавуваат и податоци кои можат да бидат чувствителни или застарени.

Поради тоа, технолошките компании почнаа да развиваат алатки кои на корисниците им даваат поголема контрола врз сопствениот дигитален идентитет. Функцијата на Google за следење и отстранување на личните податоци е дел токму од тој поширок тренд.

Проблемот е, меѓутоа, што многу корисници никогаш не слушнале за оваа опција. Експертите за дигитална безбедност затоа често нагласуваат дека тоа е една од најважните, но и најмалку користените поставки во екосистемот на Google.

Во време кога сè поголем дел од животот остава трага на интернет, контролата врз сопствените податоци станува еднакво важна како и заштитата на лозинките или двостепената верификација на налозите. А понекогаш е доволно само неколку клика за барем дел од тој дигитален отпечаток да се стави под поголема контрола.

Извор: webmind.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.