Деновите стануваат подолги: Климатските промени ја забавуваат ротацијата на Земјата

Климатските промени ја забавуваат ротацијата на Земјата со брзина која е „незабележана“ во последните 3,6 милиони години, предупредуваат научниците, а тоа значи дека нашите денови стануваат подолги.

zemja-5364-fi

Извор: Freepik

Претходните истражувања веќе покажаа дека топењето на поларните ледени покривки и планинските ледници го подигнува нивото на морињата и ја забавува ротацијата на Земјата. Како што истопената вода од половите се шири кон екваторот, нејзиниот ефект е сличен на оној кога лизгач на мраз го забавува вртењето штом ќе ги рашири рацете.

„Она што остана нејасно е дали во минатото имало периоди кога климата ја зголемувала должината на денот со слична брзина“, вели Мостафа Кијани Шахванди од Одделот за метеорологија и геофизика на Универзитетот во Виена.

Како климатските промени влијаат на должината на денот

Новото истражување на Универзитетот во Виена и ETH Цирих успеа да ги реконструира промените во должината на денот од далечното минато користејќи фосилни остатоци од едноклеточни морски организми наречени бентосни фораминифери. Хемискиот состав на фосилите од фораминиферите може да укаже на промените во нивото на морето, што им помага на научниците да ги пресметаат соодветните промени во должината на денот, пренесува Euronews.

Претходните истражувања покажаа дека од 2000 до 2020 година деновите се продолжени за 1,33 милисекунди по век поради климатски фактори. Во новата студија, објавена во списанието Journal of Geophysical Research: Solid Earth, научниците открија дека овој „брз пораст“ на должината на денот е без преседан во последните 3,6 милиони години.

„Сегашното брзо продолжување на денот може првенствено да му се припише на човечкото влијание“, вели Бенедикт Зоја, професор по вселенска геодезија на ETH Цирих.

Зошто подолгите денови можат да бидат проблем?

Зоја предупредува дека се очекува климатските промени до крајот на 21 век да влијаат на должината на денот дури и посилно отколку Месечината.

Иако овие промени се мали и се мерат во милисекунди, па луѓето нема да ги забележат, тие можат да предизвикаат проблеми во светот кој во голема мера се потпира на технологијата. Прецизното мерење на времето е клучно за компјутерските системи како што се GPS-от и вселенската навигација, кои користат атомско време засновано на фреквенцијата на одредени атоми.

Малку е веројатно дека овие промени ќе влијаат на човечката биологија, како што се спиењето или циркадијалниот ритам. Сепак, ако светот продолжи да се загрева поради емисиите на гасови кои ја задржуваат топлината, научниците предвидуваат дека климатските промени би можеле да го продолжат денот за околу 2,62 милисекунди до крајот на овој век.

Извор: odrzime.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.