Претплатничка култура или нов облик на дигитално заробеништво?

Многу играчи, еден пазар и илјадници корисници поврзани преку дигиталните мрежи. Дали ова е вистинска слобода на избор или само нова ера на технолошка зависност?

kultura-3688-fi

Извор: freepik

Зад сцената на македонскиот телекомуникациски пазар се води тивка, но интензивна трка за градење лојалност кај корисниците. Денешната конкуренција одамна го надминува натпреварот со ценовни пакети и мегабајти, сега фокусот е на создавање интегрирани дигитални екосистеми што нудат дополнителна вредност и континуирано корисничко искуство. Во овој случај, преминувањето од еден систем кон друг подразбира повеќе од обична промена на услуга, тоа станува стратегиски избор што корисникот го прави врз основа на навики, поврзаност и перцепирана вредност.

Од комплетни фамилијарни пакети со интернет, ТВ, телефонија и cloud простор, до големи бонуси за нови корисници, 5G мрежа и сопствени стриминг платформи. Борбата за корисникот е се поагресивна.

Според податоците од Регулаторната комисија за електронски комуникации, повеќе од 92% од домаќинствата во Македонија користат некаков облик на фиксна или мобилна интернет претплата. Просечниот корисник има минимум три активни претплати: интернет, мобилна телефонија и некој од стриминг сервисите. Речиси сите се врзани преку договори на 12 или 24 месеци.

Формално, пазарот нуди избор и разновидни опции за корисниците. Но, во реалноста, промената на оператор или структурата на услугите честопати бара внимателно планирање, поради постоечки договорни обврски, трошоци за раскин и неопходни технички прилагодувања. Дополнително, дигиталните навики и интегрираната инфраструктура што се гради околу одредени услуги создаваат искуство со висока вредност за корисникот, што природно влијае на неговата лојалност и желба за задржување во одреден екосистем.

И тука се поставува суштинското прашање:
дали корисниците поседуваат интернет, или интернетот ги поседува нив?

Новата претплатничка економија веќе генерира и нов вид на психолошка зависност. Со години се градат е-маил адреси, cloud мемории, броеви на телефони врзани за апликации, кориснички профили. Со промена на операторот не се менува само SIM картичка, се ризикува и загуба на дел од личниот дигитален идентитет.

Македонскиот телекомуникациски пазар е структуриран околу неколку водечки компании, со ограничен простор за раст. Во такви пазарни услови, секој процент на пазарен удел носи значајна финансиска вредност, а конкуренцијата за привлекување и задржување корисници останува силна и динамична. Секој процент на пазарот значи стотици илјади евра годишен приход, а одржувањето на клиентот е понекогаш поважно од привлекувањето нов.

Сега веќе не е толку битно кој нуди повеќе гигабајти туку кој подобро ја гради зависноста како услуга. Претплатничката култура го редефинира ритамот на македонскиот пазар на телекомуникации.

Останува да се види дали иднината ќе донесе поголема слобода за корисниците, или уште попаметни начини тие да останат долго врзани за избраниот оператор.

WebMind редакција

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.