Иднината не е во АИ што ја купуваме, туку во „човечката интелигенција“ што ја вработуваме

Шведскиот новинар, бестселер автор и дигитален футурист Андреас Екстром зборува за тоа зошто „organic intelligence“ – органската човечка интелигенција е поважна од алатките на вештачката интелигенција, кој денес ја има вистинската моќ во дигиталниот свет и зошто е опасно да даваме премногу едноставни прогнози за иднината.

idnina-4914-fi

Извор: Freepik

Органската интелигенција поважна од алатите

Неговиот концепт „organic intelligence“ директно го става човекот во центарот на дигиталната револуција.

„‘Органска интелигенција’ е израз што го измислив за да го нагласам местото и улогата на човештвото во дигиталната револуција. Искуство. Пресуда. Добри намери. Етика. Сè она што не е погодно за програмирање. Тие вештини и квалитети ќе ни бидат потребни повеќе од кога било“, објаснува Екстром.

Поентата е едноставна: технологијата можеме да ја купиме, но луѓето што знаат смислено да ја користат мораме свесно да ги развиваме и поддржуваме да напредуваат. Алатките се важни, но без човечки суд, интегритет и емпатија тие се само инфраструктура.

Екстром верува дека вистинското прашање не е „која АИ алатка е најдобра“, туку: кои луѓе ги поставуваат прашањата, ги толкуваат резултатите и ги носат одлуките? Затоа ги охрабрува организациите и поединците да поставуваат „повеќе, но и подобри прашања“ за сопствената улога во АИ револуцијата, наместо пасивно да се восхитуваат на технологијата.

Моќта е во рацете на луѓето ако ја задржиме

Кога ќе се постави прашањето кој денес ја држи главната моќ во дигиталниот свет, Екстром не ги става први корпорациите и владите, туку ние луѓето.

„Ние. Ние, луѓето. Не мора да дозволиме нашите деца да бидат мапирани, манипулирани и заглупувани со десет часа дневно на TikTok. Можеме да бидеме родители. Можеме да бидеме граѓани. Можеме да одлучиме дека сакаме нешто подобро“, порачува тој.

Тука е линијата помеѓу пасивното препуштање на алгоритмите и активната демократска контрола врз технологијата.

Она што го загрижува не е само алгоритамската пристрасност или губењето на приватноста, туку начинот на кој ја доживуваме технологијата.

„Ме плаши тоа што не сфаќаме дека технологијата повеќе не е само технологија,  туку сè што е човечко“, вели Екстром.

Премногу луѓе сè уште гледаат на овие теми како на „уште една расправа за интернетот“ што не ги засега директно, меѓутоа ги засега сите: од политичките процеси, до менталното здравје, образованието, економијата и секојдневните навики.

За компаниите што сакаат навистина да ги развиваат луѓето

За фирмите што „не сакаат само да купат уште една АИ алатка, туку навистина да ги развиваат луѓето“, неговиот совет е приземeн и практичен:

„Тоа е индивидуално. Но ако до сега сте биле успешни, веројатно веќе правите нешто добро. Обидете се да разберете што е тоа што го правите добро и кои механизми ве направиле одлични и продолжете да ги користите!“

Со други зборови, технологијата не смее да стане изговор да ги заборавиме сопствените сили. АИ не треба да нè замени, туку да го зголеми ефектот на она што веќе добро го правиме: грижата за луѓето, развојот на талентот, етичките стандарди и јасната визија.

За искрените предвидувања за иднината

Дали за десетина години ќе живееме во поправеден и подобро организиран дигитален свет, или ја пропуштаме шансата? Екстром намерно избегнува едноставни одговори.

„Не се осмелувам да кажам. Можеби АИ ќе направи сè да стане повеќе. Доброто ќе стане подобро. Лошото ќе стане полошо“, признава тој.

Голем дел од одговорот, според него, ќе зависи од тоа дали ќе ја гледаме технологијата како неутрален алат, или како нешто што бара постојан дијалог, регулација и критичко размислување.

„Ако луѓето во институциите, бизнисот и образованието одлучат да останат пасивни, тогаш одлуките наместо нив ќе ги носат алгоритмите и пазарот. Но ако вложиме време да ги разбереме системите што ги користиме, да поставиме етички граници и да ги учиме младите на дигитална писменост, можно е да добиеме верзија на иднината во која технологијата работи за нас, а не обратно“, нагласува Екстром.

Затоа, промените што доаѓаат бараат постојана будност, подготвеност да поставуваме нови прашања и храброст во секој момент да го смениме правецот и со една цел: да останеме ние, а не алгоритмите, вистинските носители на одлуките.

Извор: web-mind.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.