Тим со долгогодишна експертиза
Ubiquiti е основана од поранешен дизајнер на Apple, што веднаш објаснува зошто дизајнот таму не е додаток – туку основа. Компанијата ја негува истата култура каде дизајнот има централно место во развојот на производите. Тимот на дизајнери во кој работи Лазороски е составен исклучиво од сениори – професионалци со 20 до 30 години искуство. Оваа структура не само што гарантира квалитет, туку овозможува и длабоко разбирање на целиот процес, од идеја до финален производ.
Дизајн, инженеринг и маркетинг – во иста линија
Она што го издвојува пристапот на Ubiquiti е блиската соработка меѓу дизајнерите, хардвер и софтвер инженерите. Лазороски објасни дека успешен дизајн не може да постои во изолација – мора да биде дел од пошироката слика. Без разлика дали се работи за физички или дигитален продукт, содржината и функционалноста секогаш треба да бидат во прв план.
Дополнително, маркетингот има суштинска улога во процесот. Дизајнот не е само визуелно доживување, туку и алатка преку која се презентира и продава производот. Презентацијата, пакувањето, доживувањето – сè тоа е дел од стратегијата.
UX иновација како двигател на вредност
Лазороски истакна четири клучни вредности што UX дизајнот ги носи во секоја компанија:
- Задоволство и лојалност на корисниците,
- Јасна диференцијација на пазарот,
- Продажба на екосистем и додатоци,
- Засилен бренд имиџ и маркетинг.
Притоа, ја потенцираше важноста UX дизајнерите да размислуваат пошироко – не само за екранот во Figma, туку за целото искуство: каде, како и во кој контекст се користи производот.
Совети за UX дизајнери од некој што знае
На крајот од сесијата, добивме и неколку искрени и корисни совети, наменети за секој што сака да се усовршува во оваа професија:
- Верувајте на својата интуиција.
- Фокусирајте се на резултатите, не само на процесот.
- Секогаш размислувајте за целокупното искуство на продуктот.
- И најважно – секогаш застанете на страната на корисникот.
Дополнително, Лазороски препорача UX дизајнерите да работат тесно со инженерските тимови, да бидат активен дел од развојот, и да не се врзуваат премногу за самата алатка – бидејќи резултатот е оној што го гледа клиентот, не екранот.
Извор: Webmind редакција