Затоа е сосема разбирливо ако вашата прва реакција е – паника.
„Нема сомневање дека денешните наслови се брзи, остри и застрашувачки“, вели Мери Клементс Еванс, сертифициран финансиски планер и експерт за финансиско однесување, за CNBC.
„Имаме тенденција да мислиме дека ако доволно се грижиме, ќе успееме да се заштитиме од лоши работи“, објаснува таа. „Но грижата не помага – подготвеноста помага.“
Иако е тешко да се планира кога не знаеме што точно нè чека, непотребната загриженост нема да го смени исходот – ниту на подобро, ниту на полошо. Наместо тоа, Клементс Еванс предлага три едноставни чекори што може да ви помогнат да се чувствувате посигурно во време на економска нестабилност:
Фокусирајте се на она што можете да го контролирате
Најважно е вниманието да го насочите кон работите што се во ваши раце. Не можете да спречите рецесија, но можете да се подготвите за неа – со тоа што ќе го зајакнете фондот за итни ситуации и ќе направите ревизија на буџетот.
„Ако моментално сте вработени и не живеете од инвестиции, однесувајте се како да ви се заканува отказ“, советува таа. „Имајте заштеда од најмалку шест месеци за основни трошоци. А ако сметате дека тешко ќе најдете нова работа – и повеќе.“
Извор: Unsplash
Сличен совет има и милијардерот и автор на бестселерот Рамит Сети, кој препорачува заштеда доволна за дури 12 месеци трошоци.
Разбирливо, заштеда за шест – а камоли за дванаесет месеци – може да изгледа како невозможна мисија, особено ако веќе се борите со секојдневни трошоци. Но, секој денар што ќе го одвоите – значи нешто. Најважно е да почнете и да заштедите колку што можете.
Не носете финансиски одлуки под влијание на наслови
Можете вие да одлучите кога ќе купите или продадете акции, но откако парите ќе влезат на берзата – не можете да ги контролирате. Тоа може да биде фрустрирачки, но повлекување пари од страв поради осцилации на пазарот најчесто не е паметна одлука, предупредува Клементс Еванс.
„Луѓето не прават грешки со пари затоа што се наивни“, вели таа. „Туку затоа што реагираат емоционално.“ И Сети се согласува. Тој вели дека инвеститорите често се обидуваат да имитираат што мислат дека прават богатите луѓе – верувајќи дека тие имаат некаква „тајна“ информација.
Затоа советува, без разлика колку стравови ви создаваат насловите, да не преземате драстични финансиски потези – освен ако не се наоѓате во вистински итна финансиска состојба. „Една од најважните работи во вакви времиња е да забавите и да дејствувате методично“, додава тој.
Најдете време за смеа
Бидејќи грижата не решава ништо, Клементс Еванс предлага – направете пауза од лошите вести и пронајдете нешто што ве радува.
„Направете си ‘пауза за смеа’“, вели таа. „Погледнете нешто забавно, слушајте омилен хумористичен подкаст.“ Колку и да е примамливо постојано да ги следите вестите, важно е да си дадете одмор – особено ако веќе сте презеле сè што можете за да се подготвите за потешки денови. „Отсекогаш сум верувала во моќта на смеата“, додава. „Тоа не значи дека бегате од реалноста или сте неодговорни. Тоа значи дека си давате простор за оддишка.“
Извор: bizlife.rs