Instagram, под капата на компанијата Meta, започнува амбициозна трансформација на една од своите клучни функционалности – пребарувањето. Како што потврди директорот на платформата, Адам Мосери, тековната функција за пребарување на Instagram не ги задоволува потребите на современите корисници, а особено заостанува зад конкуренцијата, пред сè TikTok.
Најавено е воведување на напреден систем што ќе им овозможи на корисниците полесно да пронаоѓаат содржина поврзана со одредени теми, а не само профили и хаштагови. Оваа функционалност, позната како „content search“, претставува чекор кон трансформација на Instagram од платформа за следење познати профили во алатка за информирање и истражување трендови, објави TechCrunch.
Instagram и коментаритe
Интересно е и тоа што Instagram планира во процесот на рангирање на резултатите од пребарувањето да ги вклучи и корисничките коментари, со цел предложената содржина да биде што попрецизна и поактуелна – пракса што e веќе стандард на TikTok.
Овој потег доаѓа во момент кога социјалните мрежи сè повеќе ја преземаат улогата на класичните интернет пребарувачи, особено кај помладата популација. Генерацијата Z сè почесто бара рецепти, совети, туторијали и инспирација токму преку социјалните апликации.
За креаторите на содржина, новото пребарување значи потенцијално поголема видливост и интеракција со поширока публика, бидејќи релевантната содржина ќе има поголема шанса да се појави и надвор од кругот на постојните следбеници.
Instagram јасно става до знаење дека нема намера да ја препушти пазарната предност без борба – пребарувањето станува ново клучно оружје.
Извор: Web-mind.rs