Google Chrome наскоро може да користи „ВИ“ за замена на компромитирани лозинки

Прелистувачот Google Chrome наскоро би можел да добие корисно безбедносно ажурирање – откривање лозинки што биле компромитирани во пробиви на податоци и автоматско генерирање и зачувување на подобра замена. Според Google, оваа функција е претставена како „ВИ иновација“, иако засега не е јасно на кој начин вештачката интелигенција е вклучена во процесот.

chrome-2981-fi

Извор: Pixabay

Познатиот софтверски истражувач Leopeva64 на X (поранешен Twitter) откри нова функција во ВИ-поставките на рана тест-верзија на Chrome. Функцијата, наречена „Автоматска промена на лозинка“, сè уште е во почетна фаза на развој и не е финализирана. Описот гласи: „Кога Chrome ќе открие дека една од вашите лозинки е компромитирана ќе ви понуди автоматска промена на лозинката при најавување.“

Chrome веќе има функција која ги предупредува корисниците доколку лозинките кои ги внесуваат се компромитирани и им предлага да ги сменат. Како што истакнува Windows Report, новитетот е во тоа што сега Google ќе ви понуди веднаш автоматски да ја промените лозинката, наместо само да ве поттикне да го направите тоа рачно. Лозинката автоматски се зачувува во Google Password Manager и е „шифрирана и никогаш не е видлива за никого“, како што наведуваат на страницата со поставки.

Доколку сакате да видите како функционира оваа опција, ќе треба да ја преземете Canary верзијата на Chrome. Во поставките за flags (одете на „chrome://flags“ во лентата за адреси), ќе треба да овозможите две функции: „Improved password change service“ и „Mark all credentials as leaked“. Втората опција служи за принудно активирање на известувањето за промена, бидејќи најверојатно сè уште не е поврзана со вистински бази на компромитирани лозинки. Потоа, посетете било кој сајт што не е поврзан со Google, внесете произволна комбинација на корисничко име и лозинка за да се обидете да се најавите. Откако најавата ќе пропадне или ќе се пренасочите на друга страница, ќе добиете потсетник да ја смените вашата лозинка.

Сè уште не е јасно како оваа функција спаѓа во „ВИ иновациите“ на Chrome, бидејќи прелистувачот веќе можеше да открива компромитирани лозинки преку бази како Have I Been Pwned. Создавањето и зачувувањето на нова безбедна лозинка во Google Password Manager не изгледа како нешто што бара ВИ, бидејќи тоа е веќе стандардна функција кај менаџерите на лозинки.

Алгоритми што постоеле долго пред актуелниот бум со ВИ сега се претставуваат како ВИ иновации, а ова може да биде еден таков пример. Можно е Google AI навистина да создава побезбедни лозинки, но без разлика дали ова е маркетиншки трик и дали описот ќе се промени во финалната верзија, функцијата сепак има корисна цел – ги поттикнува корисниците да користат посилни и уникатни лозинки.

Извор: arstechnica.com

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.