Робот-диригентот од следната генерација „MAiRA Pro S“ дебитираше во Дрезден. Роботот со три „раце“ бил дизајниран да го имитира човекот. Секоја „рака“ држеше палка што потсетува на светлосните мечеви од филмот „Војна на ѕвездите“, а изведена беше музика специјално компонирана за него, пренесе „Figaro“.
Двата настапи во градот на истокот на Германија имаа за цел да ги покажат најновите достигнувања на машините, како и музиката напишана експлицитно за да ја користи технологијата на 21-от век.
Уметничкиот директор на Дрезденскиот симфониски оркестар „Sinfoniker“ Маркус Риндт изјави дека намерата не била да се замени човекот, туку да се изведе сложена музика која би се сметала за невозможна за човечки диригент.
„Sinfoniker“, познат по иновациите и политичката ангажираност, ја слави својата 25-годишнина токму со делото компонирано за диригент-робот „Robotersinfonie“.
Концертите беа составени од два дела – првиот беше целосно „човечки“, а по паузата следуваше вториот, кога диригираше роботот.
Оркестарот беше поделен на три дела. Своите три раце роботот ги користеше за одделно да ги води трите дела од оркестарот, што не би било возможно доколку диригира еден човек. На тој начин беше добиено дело во кое ритмите се испреплетуваа.
Германскиот композитор Андреас Гундлах, кој го компонираше делото изведено со помош на робот-диригентот, изјави дека инспирација за роботот му биле научниците од Техничкиот универзитет во Дрезден, кои развиваат таканаречени „коботи“, односно „колаборативни роботи“, кои не се наменети да ги заменат луѓето, туку да работат со нив.
Извор: Bizlife.rs