Барате зголемување на плата? Еве како тоа да го направите паметно и успешно

Ако напорно сте работеле, сте вложиле часови и компанијата во која работите бележи добри резултати, прочитајте ги стручните совети за тоа како на правилен начин да побарате зголемување на платата, пишува порталот MSN.

plata-3808-fi

Извор: freepik

Најважниот совет е да ја проверите пазарната вредност за слични позиции во споредливи компании. Колку е конкурентна вашата тековна плата и колку се реални вашите очекувања, вели Алан Ендруз од Kiss Finance. Исто така, проверете дали компанијата е во добра финансиска состојба, бидејќи во периодов многу фирми го намалуваат обемот на работа наместо да се прошируваат. И покрај тоа, недостигот на работна сила во многу сектори ги натера некои компании да понудат повисоки плати за да привлечат нови вработени, а тоа би можело да оди во ваша корист.

Ако вашиот шеф е отворен за идејата да се разговара на таа тема, тогаш треба да имате подготвени бројки за презентација. Џон Лис, експерт за кариера и автор на книгата „Како да ја добиете работата што ја сакате“, вели: „Консултирајте се со регрутери и колеги за да дознаете го опсегот на плата за вашата работа. Потоа одредете кои вештини ви се потребни за да се најдете во горните 10% од тој платен опсег. Запомнете дека за вашиот работодавец веројатно е поскапо да ве замени отколку да ви даде мало зголемување.“

Па како тогаш да побарате зголемување на плата? „Побарајте разговор кога вашиот шеф нема да брза на состанок. Утрото обично е најдобро време бидејќи нивото на енергија е повисоко“, вели Алан Ендруз. Барањето време за состанок со менаџерот, а потоа изненадување дека темата е вашата плата, го става шефот во незгодна позиција. Тоа не е идеално кога сакате да разговарате за пари. Наместо тоа, разјаснете дека се работи за финансиска тема. „Кога барате состанок, немојте нејасно да зборувате за ‘перспективи’ јасно кажете дека сакате да разговарате за вашиот придонес во организацијата“, вели Џон Лис.

Замислете го барањето зголемување на плата како бизнис-предлог, вели адвокатката Карен Холден, која ја основала сопствената фирма по негативни искуства на работа. „Зошто го заслужувате тоа, како компанијата ќе има корист од тоа и што дополнително ќе направите за да ја оправдате таа инвестиција?“, вели таа.

„Разговарајте за тоа како сте придонеле во својата улога и како сте направиле разлика“, вели Џон Лис. „Работењето строго според описот на работното место или само постигнување на зададените цели не е доволна причина за зголемување на плата.“ Карен Холден додава: „Погрижете се вашиот настап да не звучи заканувачки и да биде поврзан со ефективноста, со јасна поента дека работите толку добро што вредите да бидете задржани.“

Вашиот работодавец не мора да знае зошто ви се потребни пари, туку само дека заслужувате повеќе. Џон Лис вели: „Не паѓајте во искушение да зборувате за тоа колку ви се потребни пари или за вашите финансиски обврски. Зборувајте за вредноста што ја додавате. Прво објаснете ја вашата ‘понуда’, а потоа повлечете се. Дознајте што е работодавецот подготвен да ви понуди. Дури и ако работодавецот праша ‘Што имавте на ум?’, вреди барем еднаш да се обидете да дознаете кои ви се можностите“

Кога станува збор за пари, потребно е да имате и резервна опција. „Знајте точно што барате и имајте секундарна цел ако првото барање не успее“, вели Џон Лис. „Можеби нема веднаш да добиете одговор, и најдобро е да му дадете на менаџерот малку време за да ја донесе одлуката“, додава Алан Ендруз. „Сепак, немојте да го напуштите состанокот без јасен договор за временски рок за донесување одлука.“

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.