Првото нешто што го прави Алисoн С. Џонс секое утро е да наброи три работи за кои е благодарна. Понекогаш тоа е само лесениот повев од вентилаторот, а понекогаш поддршката од пријател во тежок момент. Алисoн е консултантка за организациски развој и вели дека оваа навика ѝ помогнала да се справи со анксиозноста, несигурноста и предизвиците при започнувањето на сопствен бизнис како самохрана мајка. „Кога ја вежбате благодарноста, го тренирате мозокот постојано да го бара доброто во секоја ситуација. Тоа целосно ви го менува погледот на животот“, вели таа. „Почнувате да ги гледате лекциите дури и во болката, убавината и тешките моменти, затоа што сфаќате – ‘Хеј, јас станувам посилен преку ова’.“
Зошто е благодарноста важна и на работното место?
Во време кога отказите, несигурноста и стресот ги оптоваруваат вработените, благодарноста може да биде едноставна, но моќна алатка за подигнување на моралот. Истражувањата покажуваат дека вработените кои добиваат искрена благодарност почесто им помагаат на колегите, се чувствуваат повеќе ангажирани и позадоволни. Сепак, и покрај сите бенефити, културата на благодарност во многу работни средини сѐ уште е занемарена.
Како да ја внесеме благодарноста во секојдневието?
Почнете со мали чекори. Ако благодарноста ви е нова практика, пробајте со нешто едноставно, како Алисoн, изговорете три работи на кои сте благодарни пред да станете од кревет, пренесува Euronews.
Нејзин совет е да не ги повторувајте истите работи, туку секој ден пронајдете нешто ново. Така оваа практика станува навика што не здосадува.
Таа препорачува и да најдете „партнер за благодарност“ , пријател, колега или член од семејството со кој ќе ги споделувате мислите, било во живо, преку пораки, мејл или телефонски повик. Многумина водат и дневник на благодарност.
Извор: Unsplash
Како да ја негуваме благодарноста на работа?
Петар Бонано, експерт за развој на организациска култура, советува тим-лидерите да ги започнуваат состаноците така што ќе им се заблагодарат на колегите за сѐ што е добро направено во текот на претходната недела. Луѓето, вели тој, природно се склони прво да ги забележат проблемите и негативните работи, но благодарноста може да ја промени таа перспектива и да создаде поголемо меѓусебно разбирање во тимот.
Други предлози вклучуваат: рачно напишани пораки со благодарност од страна на менаџерите, мали пакетчиња за посебни прилики (како купување куќа, посвојување дете), или донации во производи за лекари, пожарникари, медицински сестри и други што се грижат за заедницата.
Важно е да се истакне: изразувањето благодарност не значи дека треба да се задоволиме со сѐ. „Да се биде благодарен не значи дека треба да прифатиме неправда“, вели Алисoн. Луѓето имаат право да бараат основни услови, како паузи за оброк. Благодарноста треба да нѐ зајакне, а не да нѐ направи пасивни.
Извор: bizlife.rs