Филмот е заснован на кинеската митологија, но и на класичната кинеска литература, како што е The Investiture of the Gods. Главниот лик, Не Жа, е бунтовно момче со божествени моќи. Во ова продолжение, тој се обидува да ја поврати својата физичка форма по реинкарнацијата, здружувајќи се со мистериозниот змеј-принц Аобинг. Нивната авантура опфаќа низа предизвици и битки, меѓу кои и одбраната на нивниот роден град од демонски сили.
Филмска продукција
Ne Zha 2 е резултат на заедничка работа на над 4.000 членови на тимот од 138 анимациски студија, а самата продукција траела речиси пет години. Во споредба со првиот филм, бројот на анимирани кадри е зголемен од 1.800 на 2.400, а некои сцени вклучуваат и до 200 милиони ликови во еден кадар. Филмот е целосно создаден во Кина, откако меѓународната соработка не ги исполнила очекувањата на режисерот Јаоџи.
Успехот на филмот
Огромниот успех на филмот не е само резултат на квалитетната продукција, туку и на силната поддршка од домашната публика. Кинеските социјални мрежи беа преплавени со повици за повторно гледање, а различни компании се приклучија со мурали и ледени скулптури инспирирани од филмот. Некои, како производителот на грицки Veilong Food, дури организираа групна посета во кино за 900 свои вработени.
Коментари од критичарите
Домашни и странски филмски критичари го пофалија филмот за неговата импресивна анимација, емоционалната длабочина и универзалните теми како што се пријателството, самодовербата и борбата против судбината. Филмот исто така вешто вклучува богати елементи од кинеската култура, од дијалектска музика и естетика, до будистичка филозофија.
Многумина го гледаат како одраз на сè посилната културна самосвест на Кина, но и како суптилна критика кон Западот.
Содржина на филмот
Анимираниот филм ја раскажува вечната борба меѓу доброто и злото. По херојската жртва во првиот дел, во која се жртвува за да го спаси својот град и луѓето, Нe Жа и неговиот поранешен непријател Ао Бинг се враќаат во живот но нецелосно. Нивните души се спасени, но нивните тела се уништени. За повторно да се соединат телото и духот, мораат да го пронајдат легендарниот седумбојен лотос, редок и моќен артефакт кој има способност да ги обнови нивните тела.
Нивната потрага ги води низ низа опасни предизвици и препреки поставени од моќната секта Чан, чувари на духовната рамнотежа. Во текот на патувањето се соочуваат со сопствените сомнежи, ја преиспитуваат својата лојалност и стекнуваат подлабоко разбирање за своето место во светот. Освен спектакуларните сцени на борби и врвната анимација, филмот нуди и емотивна приказна за пријателството, храброста, самоприфаќањето и борбата против предодредената судбина.
Извор: bizlife.rs