Премногу ти е стресно да дадеш отказ? А да платиш некој да го направи тоа наместо тебе?

Шота Шимизу ги стави слушалките и се јави во секторот за човечки ресурси на една компанија за нега на стари лица, каде што работела неговата клиентка. Таа сакала да даде отказ, а Шимизу го направи тоа наместо неа.

otkaz-3929-fi

Извор: Freepik

„Дојде до несогласување меѓу нејзините очекувања и реалноста на работата“, му објасни Шимизу на претставникот од HR. „Сè уште ја има униформата и клучот од ормарот, ќе ги испрати по пошта. Може ли да ми ја потврдите адресата?“.

Шимизу работи за Момури, компанија од Токио која нуди услуга на давање отказ во име на клиенти кои сакаат да ја избегнат непријатната средба со шефот.

Името Момури, што во превод значи „Не можам повеќе“, доаѓа од растечката, но сè уште ниша индустрија во Јапонија која нуди „агенти за откази“. Овие агенции се вклучуваат кога вработените не можат сами да соберат храброст да му соопштат на надредениот дека заминуваат, а услугата чини и до 350 долари (околу 50.000 јени).

Побарувачката расте

Побарувачката за овие услуги порасна за време на пандемијата, која ја разниша крутоста на јапонската работна култура и го доведе во прашање традиционалниот идеал на „сарариман“ – службеник со бела кошула кој се вработува веднаш по факултет и останува во истата фирма до пензија. Строгата хиерархија во јапонските компании дополнително го отежнува соочувањето со шефовите.

Малтретирање на работа

Некои вработени ја користат оваа услуга затоа што трпат мобинг или малтретирање. Други се одлучуваат на ваков чекор откако конечно ќе соберат храброст да се пожалат  и наидуваат на отпор. А на некои едноставно им е полесно да избегнат непријатна сцена со шефот кој не е навикнат некој самостојно да даде отказ.

Како и на други места во светот, идејата за „повлекување“ станува сè поприфатлива кај младите Јапонци во дваесеттите и триесеттите години. Тој тренд се шири и меѓу професионалците на средни години – што е извесна револуција во земја каде што менувањето кариера по 35-тата година долго време се сметаше за речиси невозможно, поради малкучисните можности на повисоките позиции.

Култура на доживотно вработување

Децении наназад, јапонскиот пазар на труд се темелеше на доживотно вработување, плати според стаж и долги, исцрпувачки работни денови кои често завршуваа со задолжителни дружења со шефовите. Таа култура се разви по Втората светска војна и го достигна врвот за време на економскиот бум во 1980-тите, кога Јапонија стана втора најголема економија во светот.

Иако идеалите за лојалност и доживотна работа почнаа да се распаѓаат по пукањето на економскиот балон во 1990-тите, работното време остана напорно.

Денес, кога работната сила брзо старее и се намалува, вработените имаат повеќе простор да бараат нови работи. Многумина се исто така сè помалку толерантни кон токсичната работна средина и се поспремни да заминат ако не се задоволни.

„Повеќе избори од кога било“

„Оваа промена навистина означува нов правец“, вели Каору Цуда, главна истражувачка во Indeed Recruit Partners Research Center во Токио. „Денес пазарот на трудот е побогат од кога било, па вработените имаат многу повеќе избор.“

Туи Иида (25) бил фрустриран поради прекувремени часови во компанија за одржување, но шефот не ги сфаќал сериозно неговите поплаки. Затоа платил некој друг да даде отказ наместо него.

„Чувствував огромно олеснување кога добив потврда дека мојот отказ е прифатен“, раскажува тој. Денес и самиот работи во Момури, затоа што сака да им помогне на другите да излезат од слични ситуации. Како и останатите во оваа приказна, Иида зборуваше под услов неговиот поранешен работодавец да не се именува, за да избегне можни последици.

Тешко е да кажеш: „Не сум среќен“

Давањето отказ и натаму е релативно ретко во Јапонија – во текот на 2024 година, околу 3,3 милиони луѓе смениле работа, што е мал број во однос на вкупно 68 милиони вработени, според официјалните податоци. Мобилноста на работната сила во Јапонија отсекогаш била ниска во споредба со просекот во OECD, се наведува во извештај на јапонската влада од 2022.

„Во општество кое високо ја цени хармонијата и заедништвото – често на сметка на личната искреност – да му кажеш на шефот дека си незадоволен не е лесно“, вели професорката Кеико Иши од Универзитетот во Нагоја, која ги проучува меѓучовечките односи. „Затоа, кога луѓето ќе стигнат до точка на пукање и ќе помислат ‘не можам повеќе’, често ни тогаш не се способни тоа сами да го изговорат. Полесно им е некој друг да го направи тоа за нив.“

Сè повеќе барања за агенции за откази

Истражување на Tokyo Shoko Research од 2024 покажува дека речиси секоја десетта фирма во Јапонија примила отказ преку посредник. Иако нема точен број корисници, податоците на Момури сугерираат дека десетици илјади луѓе ја користеле оваа услуга во последниве години.

Денес, Момури прима околу 2.500 барања месечно, наспроти 200 кога компанијата била основана во 2022, вели претседателот Шинџи Танимото. Околу 80% од клиентите се луѓе во дваесеттите и триесеттите години, но има и постари – најстариот клиент имал 83 години, додава тој.

Посредниците најчесто контактираат со HR и ја пренесуваат одлуката на клиентот за отказ. Не преговараат за услови или отпремнина. Некои агенции биле под лупа на адвокатската комора во Токио поради сомнеж дека ги пречекориле законските граници – на пример, давајќи правни совети или водејќи преговори во име на клиентите.

„Прво доаѓа збунетост, потоа бес“

Таиши Кусано, кој води слична агенција Оитома во префектурата Аичи, вели дека многу клиенти повеќе сакаат мирно разделување отколку судир со шефот.

„Компаниите кои ги примаат овие повици често реагираат емотивно“, вели тој. „Има јасен шаблон: прво доаѓа збунетост, па бес. Некои менаџери се фрустрирани што вработениот не дошол лично, или се загрижени дека ненадејното заминување ќе влијае врз нивните резултати.“

„Но денес ова веќе не е непозната појава, па сè почесто слушаме: ‘Аха, добро, разбирам.’“

„Најсилен потег е да ја сакаш својата работа“

Како што давањето отказ станува сè почесто, компаниите ќе мора да преиспитаат како привлекуваат, задржуваат и наградуваат вработени, вели Цуда. Некои работодавци веќе воведуваат подобра селекција за да ги усогласат новите вработени со соодветните позиции – особено сега кога луѓето имаат повеќе избор.

Кенто Сано дал отказ во голема туристичка компанија на 31 година и се пробал во различни работи – од градинарство до фриленс и работа во книжарница. На крајот се вратил во туристичката индустрија – но овојпат во стартап, каде што ја работи работата која вистински го исполнува.

„Верувам дека најсилен потег е всушност да ја сакаш својата работа во компанијата, но во исто време да правиш работи кои те возбудуваат“, вели денес 37-годишниот Сано.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.