Но, искуството – особено од динамичниот пазар – вели дека најпаметно е да се оди во сосема спротивен правец. Наместо големи и крути стратегии уште од првиот ден, многу попрактичен пристап е да се почне скромно, со неколку основни компоненти, па со време да се надградува и развива.
Вака не само што се заштедува драгоцено време, туку се создава и многу пофлексибилен систем кој:
• лесно се прилагодува на промените во бизнисот,
• овозможува „во од“ да се прават корекции,
• и на крајот нуди далеку подобар баланс помеѓу брзината, квалитетот и корисноста.
Со други зборови, се поставуваат здрави темели кои ќе издржат сè што иднината ќе донесе.
Од нула до систем: почни од суштината
Секој силен бренд систем се гради врз неколку клучни темели: лого, типографија, основна палета на бои, тон на комуникација и неколку примарни примени, на пример, веб-страница, пост за социјални мрежи или визит-картичка.
Токму овие елементи се најбрзи за тестирање, најчесто се користат и најважно имаат најголемо влијание врз тоа како луѓето го доживуваат брендот (плус, веднаш оставаат впечаток дека постои некој ред и систем).
Наместо уште од старт да се дефинираат строги правила за секое можно сценарио, многу попаметно е да се изгради токму она што е потребно во моментов, па да се види како ќе се покаже во пракса. Така системот расте природно, заедно со бизнисот.
Дизајн системите треба да бидат живи системи
Добриот дизајн систем не е PDF што седи во фолдер. Тој е „жив продукт“ нешто што се развива заедно со брендот, со тимот, со корисниците и со пазарот.
Тоа значи дека добар систем треба да биде:
- модуларен – лесно да се надградува,
- флексибилен – да се адаптира на нови формати, пазари и продукти,
- одржлив – да може да се апдејтира без огромен напор.
Со ваков пристап, можете да правите корекции во движење, да учите од реалната употреба и да избегнете изградба на крути системи што ја кочат креативноста и продуктивноста.
Практични придобивки од овој пристап:
Зошто да градиш бренд систем чекор по чекор, наместо да трошиш време на мастер планови уште од старт? Еве неколку многу конкретни причини:
Побрзо излегуваш на пазар
Без непотребно комплицирање и „overengineering“, тимовите можат значително побрзо да лансираат производи, кампањи и нови идеи.
Секогаш во чекор со реалноста
Системот расте заедно со бизнисот. Кога ќе се јави потреба од нов стил за HR комуникација, за дигитален продукт или за CSR проект едноставно го надградуваш системот токму тогаш, кога тоа навистина е потребно.
Вистински баланс помеѓу креативност и стандарди
Ќе имаш доволно јасни насоки за да изгледаш кохерентно, но и доволно простор за адаптација и индивидуална интерпретација. Тоа значи брендот нема да стане здодевен или крут.
Повеќе заедништво во тимот
Кога дизајнери, девелопери, маркетинг и бренд менаџери заедно го креираат системот, тоа станува нивен заеднички „јазик“ а не правила кои некој им ги спуштил одозгора. Резултатот? Подобра соработка и посилно чувство на сопственост.
Модерен бренд систем не е завршен проект — туку жив организам
Бренд системот не е нешто што ќе го завршиш, ќе го спакуваш и ќе го архивираш. Тој е како жив продукт: има свои верзии, апдејти, сопственици и бара редовна грижа.
Брендовите растат, се менуваат, некогаш се ребрендираат од темел и токму затоа, системот мора да биде еластичен. Флексибилен. Спремен за следниот чекор.
Запомни: нема потреба да направиш сè одеднаш. Без разлика дали градиш нова бренд архитектура, дизајн јазик или UI систем, започни паметно и одржливо. Почни со најосновното. Пробај го во реални услови. Види што функционира, а што треба да се коригира. Учиш од тоа и го надградуваш.
На крајот на денот, најдобрите системи не се оние што изгледаат „најкомплетно“ на хартија туку оние што навистина работат, секој ден, во вистинскиот свет.