Кога пишувате CV мора да го прочитате описот на работата за да видите што бараат. Мора да ги наведете работните позиции на кои сте биле ангажирани за да го откриете вашето искуство и да докажете дека добро се вклопувате. Исто така, потребно е да се уверите дека нема граматички и правописни грешки.
Со појавата на технологии како што се ChatGPT и Microsoft Copilot, многу луѓе се потпираат на генеративна вештачка интелигенција за целосно пишување на своите работни биографии. Постојат предности на користењето, како што е помош во организирањето на работното искуство. Но, проблематична е праксата поради која изгледа како да не сте се потрудиле само сте „вметнале опис на работа во AI и добиле совршено CV“, вели тренерот за кариера Фиби Гевин.
„Тоа не функционира така“, тврди таа. Всушност, тоа може да ги загрози вашите изгледи за работа, пишува CNBC Make It.
Сите изгледаат исто
ВИ зема материјал од интернет за да направи што и да побарате. Ако сакате „CV за маркетинг“, на пример, ќе креира нешто врз основа на било кој маркетинг опис на работни позиции или маркетинг резимеа кои ќе ги пронајде на веб.
Можете да го прилагодите вашето барање со тоа што ќе му дадете одредена содржина за работа. Но, ако сè што правите за да добиете работна биографија, која ја испраќате на работодавачот, е да внесете опис на работа и да побарате од ChatGPT да креира CV кое ви одговара, „може да добиете многу генерички документ“, изјави Џејмс Хадсон, извршен директор на човечки ресурси кој водел аквизиција на таленти во глобални компании како што е Nike.
Регрутери и менаџери за вработување кои прегледуваат стотици биографии понекогаш велат дека „сите изгледаат потполно исто бидејќи сите користат ист ChatGPT промпт.“, тврди Гевин согласно нејзиното искуство од терен.
Регрутерите не го продолжуваат процесот со овие кандидати.
Извор: Freepik / pikisuperstar
Постојат и други проблеми со дозволувањето на AI да го напише вашето CV.
Целта на CV-то е да ја раскаже „вашата единствена кариера на убедлив начин“, тврди Хадсон. Ако не ја користите вашата лична приказна за да го води ChatGPT нема да добиете нешто што е истовремено специфично и што ве претставува на најдобар начин. Само вие знаете дека сте ги надминале вашите продажни цели за 30 проценти или сте го зголемиле сообраќајот на веб-страницата за 50 проценти. Само вие можете да ги додадете тие информации и кога не ги вклучувате тие детали „си ја намалувате вашата конкурентна предност“.
Исто така, може да изгледа како да испраќате лажно CV. Кога регрутерите ќе го видат истиот документ повторно и повторно, „тие всушност ги толкуваат како најверојатно лажни CV. Тие мислат дека се понеискрени бидејќи на некој начин претпоставуваат дека лицето само го кажува она што треба да го каже за да добие повик на интервју за работа“, вели Гевин.
Ова не значи дека воопшто не би требало да користите алатки со вештачка интелигенција кога го пишувате вашето CV.
„Користете вештачка интелигенција како алатка“, советува Хадсон. Во ред е да му дозволите да го направи првиот нацрт на вашата биографија, но „конечниот производ сепак треба да биде уредуван и дополнуван од вас бидејќи само вие ја познавате вашата кариера“.