Заблескајте за 7 дена: Неделен план за изградба на добри навики ден по ден

Неделата може да се влече бавно, а може и да пролета, но многу нешта можат да се направат за само седум дена. Иако можеби нема суштински да го промени вашиот живот во корен, неделниот план е сосема доволен за да воспоставите нова, здрава рутина.

sedumdena-6051-fi

Извор: Lummi/lébéa

Без премногу размислување, без замор од донесување одлуки и бесконечно чекање на „вистинскиот момент“, заблистајте за седум дена! Прифатете го овој неделен план како едноставен начин да изградите добри навики и да се чувствувате најдобро што можете, секогаш.

Општи насоки за неделниот трансформативен план

Пред да започнете со планот по денови, воведете ги овие неколку едноставни утрински правила кои ќе ви служат како основа во текот на целата недела:

  • Облечете се пред да ги проверите социјалните мрежи: Ако ви е тешко целосно да го ограничите времето поминато пред екраните, дигиталната детоксикација е нереална цел. Направете ја реална со еден мал чекор. Кога ќе станете наутро, прво облечете се, па дури потоа земете го телефонот во рака. Започнете го денот со сопствената енергија пред да влезете во туѓата.
  • Јадете 30 грама протеини за појадок: Еден од наједноставните начини за подобрување на енергијата, фокусот и расположението во текот на денот е протеинскиот појадок. Пробајте три тврдо варени јајца со парче тост, смути со една и пол лажица протеински прав или чинија грчки јогурт со гранола и путер од јаткасти плодови.
  • Поминете 10 минути на утринското сонце: Прошетајте малку, излезете надвор за да дишете длабоко или испијте го кафето покрај отворен прозорец. Ова е бесплатен трик од 10 минути кој ефикасно ја подигнува енергијата и го регулира биоритамот.
  • Движете го телото околу 30 минути: Тоа може да биде брзо одење, тренинг за сила, пилатес дома или едноставно танцување во кујната. Во деновите кога мислите дека немате време, поделете ги тие 30 минути на помали делови: 10 минути пешачење наутро, 10 минути пилатес по работа и 10 минути јога или истегнување пред спиење.

Неделен план за вашето идно јас

Грижата за себе е чин на почит и љубов кон вашето идно јас. Направете нешто корисно уште денес, за што ќе си бидете благодарни утре. Тоа можат да бидат навистина едноставни работи:

  • испратете го тој важен имејл што го одложувате
  • закажете термин кај лекар или стоматолог
  • заштедете одреден износ на пари (на пример, 500 денари)
  • подгответе го здравиот оброк за утрешниот работен ден
  • напишете неколку реченици во вашиот дневник
  • исчистете го и средете го ноќното шкафче
  • направете брзо 15-минутно расчистување на домот пред спиење

Вашето идно јас наутро се буди во опкружувањето што го креирате денес. Запишете ги вашите три денешни победи, без разлика колку изгледаат мали. Тоа создава замав за утрешниот ден.

План ден по ден

Прв ден – Ресетирање на просторот

Направете вашата околина да работи за вас, а не против вас. Можеби на својот работен стол, дневната соба или кујната гледате само како на обична позадина на секојдневниот живот. Сепак, вашето однесување не е обликувано само од силата на волјата, туку и од просторот во кој престојувате.

Ако телефонот ви е на дофат на раката додека работите, многу посигурно е дека ќе го земете и ќе почнете да скролате штом ќе почувствувате досада или замор. Ако шкафчето ви е полно со нездрави грицки, а фрижидерот е празен, чипсот секогаш ќе победи.

Предизвик за денес:

Направете три мали визуелни измени во вашиот простор. Запрашајте се: ако вашето идно јас денес би се вселило во вашиот дом, што прво би забележало? Расчистете го бирото, преместете ги светилките за подобро осветлување или тргнете ги уредите кои ви го одвлекуваат вниманието од видното поле.

Втор ден – Јадете како некој што се сака себеси

Кога размислувате за љубовта кон себе, најчесто ви паѓа на памет топла купка, позитивни афирмации или купување подарок. Но, еден од најважните начини да си покажете љубов е храната што ја внесувате во вашето тело.

Начинот на кој се храните му кажува на организмот дали треба да се подготви за стрес или да се смири во стабилна енергија. Кога редовно внесувате протеини, влакна и здрави масти, вие му помагате на телото да функционира со полн капацитет. Не се работи за тоа да се лишите од омилената храна, туку да додадете повеќе хранливи материи.

  • Фокусирајте се на протеини и влакна во секој оброк.
  • Внесете повеќе природни бои во чинијата (јадете сезонски зеленчук и овошје).
  • Пијте вода редовно во текот на денот, пред да почувствувате силна жед.

Трет ден – Закорачете во енергијата на главен лик

Самодовербата не доаѓа сама по себе, ниту пак се раѓаме со неа. Таа е вештина која бара вежбање и се гради преку докази – со тоа што ги исполнувате ветувањата што си ги давате себеси.

Денес, дајте си доказ дека сте главен лик во сопствената приказна:

  • Облечете ги парчињата облека во кои се чувствувате најмоќно и најудобно.
  • Заменете го внатрешниот критички глас со посочувствителни мисли.
  • Направете листа од 10 вистинити докази дека веќе сте доволно добри (препречувања кои сте ги совладале, цели кои сте ги оствариле или здрави навики кои успешно сте ги започнале).

Четврти ден – Засилување на сопствениот сјај

Маркетингот често се обидува да нè убеди дека блескавата кожа е скриена во скап серум или во комплицирана рутина од десет чекори. Вистината е дека кожата блеска во зависност од тоа како се грижите за вашето тело во целина. Таа веднаш открива дали сте спиеле доволно, дали сте пиеле вода и како се справувате со стресот.

Најдобрите козметички трикови се всушност наједноставните:

  • Променете ја футролата од перницата со чиста.
  • Измијте ги сите четки за шминка.
  • Збогатете ја исхраната со антиоксиданси (шумско овошје, лиснат зелен зеленчук, цитруси).
  • Испијте дополнителни три чаши вода денес.

Петти ден – Заборавете на продуктивноста и навистина одморете се

Живееме во ера каде што оптималното здравје често се претставува како бесконечна трка за подобрување – повеќе тренинзи, повеќе суплементи, поекстремни диети. Но, одморот не е награда што треба да ја заработите откако ќе завршите сè. Тој е основата која воопшто го овозможува вашиот напредок.

Вистинскиот сјај доаѓа од внатрешниот мир и обновената енергија. Денес, дајте му простор на телото да се опорави. Сипете си топла купка со магнезиум соли, одете на спиење еден час порано од вообичаено или заменете го напорниот тренинг со лесна, релаксирачка прошетка во природа.

Шести ден – Однесувајте се како вашето идно јас

Многу е полесно да се избере моменталното задоволство, но далеку покорисно е да го изберете она за што вашето идно јас ќе ви биде благодарно. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои имаат појасна визија за својата иднина полесно донесуваат здрави одлуки во сегашноста.

Можеби тоа значи да го исклучите телевизорот на време наместо да гледате уште една епизода. Можеби значи конечно да се пријавите на курсот што го сакате или да подготвите хранлив оброк наместо да нарачате брза храна. Поминете дел од денот визуелизирајќи го животот што активно го градите.

Седми ден – Претворете го овој замав во начин на живот

Вистинскиот сјај не се постигнува за само седум дена. Тој доаѓа тогаш кога деновите што штотуку ги поминавте ќе станат ваша нова секојдневна реалност. Не наседнувајте на брзи и агресивни трансформации кои само ве враќаат на почетокот. Трајната промена се крие во микро-навиките кои продолжувате да ги практикувате со месеци.

  • Направете ретроспектива: Која навика во изминатите седум дена ви направи најголема разлика во расположението и енергијата? Изберете ги трите најдобри и продолжете со нив и во следната недела.
  • Напишете писмо: Напишете кратко писмо до себе. Изразете благодарност што издржавте во овој седумдневен предизвик, без оглед на тоа колку несвршено изгледал некој од деновите. Тоа ќе ве поврзе подлабоко со вашите цели и ќе ве мотивира да продолжите понатаму.

Извор:easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.