Како да бидете поуспешни во животот

Новата година, макар и симболично, претставува нов почеток, и многу луѓе природно прават резиме на резултатите што ги постигнале и креираат планови.

zivotot-4899-fi

Извор: Freepik

Луѓето кои се задоволни со она што го оствариле и кои со оптимизам гледаат во иднината, за жал, се во малцинство. Повеќето луѓе се прашуваат: „Каде ми помина целата година и каде оди мојот живот?“ – а одговор немаат.

Нов почеток: Како да извлечеш максимум од личната рефлексија на крајот од годината

Ако можеби и вие така се чувствувате или мислите дека сте можеле подобро, ви препорачувам да одвоите малку време и да размислите за следниве прашања.

Дали ги генерализирате работите?

Луѓето понекогаш имаат тенденција целиот свој живот да го опишат како „без врска“, иако всушност на некои полиња се успешни и им оди добро. Затоа е важно да утврдите што точно е она со што сте незадоволни. Ако е во прашање работата – дали проблемот е видот на работа што ја извршувате, односите со колегите или со претпоставените, можеби чувството дека не можете да напредувате…? Ако станува збор за партнерски односи, што точно ви пречи? Или можеби станува збор за финансии, здравје или некоја навика? Важно е јасно да го разликувате она што не е добро од она што е, и ништо да не земате „здраво за готово“.

Што е под ваша контрола?

Фокусирањето на работи на кои не можете да влијаете е само губење време и енергија, затоа е важно свесно да го „прецртате“ сè она што не е во ваша моќ. Не можете, на пример, да го промените шефот кој е арогантен и груб, но можете да размислите за други опции – промена на работа, започнување сопствен бизнис или нешто трето. Научете јасно да го разликувате она на што НЕ можете да влијаете, од она на што МОЖЕТЕ да влијаете, а посебно од она што е целосно под ваша контрола. Насочете ја својата енергија токму кон тоа: кон работите што се во ваша моќ и каде што вашиот ангажман прави разлика. Останатото – пуштете го. Важно е да се фокусирате на себе и на она што реално можете да го промените.

Дали ви се усогласени желбите?

Можеби ќе ви звучи парадоксално, но понекогаш луѓето имаат желби или поставуваат цели кои не се усогласени, па една ја кочи другата. Ако некој, на пример, не е задоволен со својата позиција на работа и сака да напредува, а истовремено сака да има повеќе слободно време за да се посвети на некое хоби, вежбање или семејството, може често да паѓа во стрес затоа што една желба ќе мора да трпи поради другата. Затоа е важно добро да согледате што е сето тоа што сакате да го промените, колку е тоа меѓусебно усогласено, за да не се саботирате сами и да не создавате конфликт во себе.

Кој ви е приоритет?

Ако сепак не можете да се откажете од ниту една желба, а сте сфатиле дека една може да ја кочи друга, тогаш е мудро да поставите приоритети и да определите што е тоа што ви е поважно или по што повеќе копнее вашето срце – и тоа да го ставите на врвот на листата, за на тоа да се фокусирате прво. За овој чекор да ви донесе најголем бенефит, можете да си поставите прашање: „Која промена ќе направи најголема позитивна разлика во мојот живот?“ и така да го одредите својот приоритет. Понекогаш промената во една област може да донесе напредок и во други делови од животот.

Дали имате поддршка?

Патот на прогресот често знае да биде трнлив, со подеми и падови, со дилеми, преиспитувања дали го правиме вистинското и прашања дали ќе успееме да истраеме. Затоа поддршката може многу да значи. Ако се чувствувате заглавени, ако можеби се сомневате во себе и во своите можности, ако сакате напредок но лесно се откажувате… поддршката може да биде токму онаа состојка која ќе пресуди дали ќе остварите прогрес или ќе се вратите таму каде што сте биле – или дури ќе назадувате.

Знам дека не е лесно да се промени воспоставениот начин на размислување, но полека… малку по малку. И со мали промени можете да почувствувате подобрување, а тоа ќе ви биде поттик да продолжите понатаму. Важно е да ја сакате промената и да тргнете напред.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.