Бизнисот на американскиот производител на чипови и софтвер, NVIDIA е петкратно поголем благодарение на нагорниот тренд на вештачката интелигенција.
„Следната индустриска револуција почна! Многу компании и земји соработуваат со NVIDIA за да ги префрлат традиционалните центри за податоци од трилиони долари на забрзано пресметување и да изградат нов тип на центри за податоци – погон со ВИ, за да направат нов производ – ВИ!“, рече главниот извршен директор на NVIDIA, Јенсен Хуанг.
Минатото тримесечје, прометот бил 262 отсто повисок од претходната година – стигнал до 26 милијарди долари. Цената на акциите, пак, во одредени мигови порасна за 5 отсто во американското тргување по работното време во средата. NVIDIA најави и зголемување на дивидендата. Со обрт од 22,6 милијарди долари, технолошкиот бизнис на бази за податоци беше дури пет пати поголем отколку во истото тримесечје од претходната година. Така, кварталната заработка на NVIDIA скокна од нешто повеќе од 2 милијарди долари на речиси 14,9 милијарди долари во рок од една година.
Развиени првично за графички картички, технологиите на NVIDIA одамна ја докажаа својата вредност во компјутерската работа вклучително и во апликации со ВИ.
Извор: МИА