Mercedes-Benz наведе дека очекува со помош на механичко-хидрометалуршки процес на рециклирање да бидат повторно искористени повеќе од 96% од суровините од старите автомобилски батерии, а целиот процес ќе биде карбонски неутрален.
Според информациите, рециклираните суровини ќе бидат доволни за производство на 50 000 нови модули на батерии за електрични автомобили на годишно ниво.
На отворањето на фабриката за повторно добивање вредни суровини на Mercedes во јужната германска покраина Баден-Виртемберг присуствуваа и сојузниот канцелар Олаф Шолц и покраинската министерка за екологија Текла Вокер.
„Иднината на автомобилите е електрична, а за тоа батериите се клучен фактор. За да се произведуваат батерии на начин што штеди ресурси и е одржлив, рециклирањето е важен елемент“, рече Шолц.
Кровот на фабриката е со соларни панели
Цената на инвестицијата не е прецизирана, но е наведено дека станува збор за двоцифрен милионски износ и дека целиот проект е изведен во соработка со технолошкиот партнер Primobiosum и реномирани научни институции.
„Како пионер во производството на автомобили, со првата европска интегрирана механичко-хидрометалуршка фабрика за рециклирање поставуваме нов стандард за поголема одржливост од аспект на суровините,“ стои во соопштението на Mercedes-Benz.
Ова е воедно и првата фабрика за ваков вид на рециклирање во светот која е дел од производител на автомобили. Кровот на погонот со површина од 6 800 квадратни метри е целосно покриен со соларни панели кои обезбедуваат енергија.
Извор: Bizlife.rs