Интервју со Маја Глигорова, директорка на логистика во Експанда: „Логистиката не е само процес, таа е срцето што ја движи компанијата“

Кога ќе слушнете „логистика“, најчесто помислувате на магацини, транспорт и таблици полни со бројки. Но зад тие бројки стојат луѓе, одлуки, тактики и системи што мора да работат прецизно, секој ден, без пауза.

ekspanda-4884-fi

Извор: Expanda

Во компанија како Експанда, која повеќе од три и пол децении го дефинира пазарот на дистрибуција, логистиката не е „еден од секторите“. Таа е темелниот столб врз кој се градат довербата, стабилноста и развојот.

Токму затоа денес разговараме со Маја Глигорова, директорка на логистика во Експанда, жената која ја познава логистиката одвнатре, ја гледа како жив организам  и знае дека зад секоја точна испорака стои комплексна приказна.

Интервјуто не открива само како функционира секторот, туку и што ја прави логистиката во Експанда стратешка предност на компанијата.

Маја, што за Вас значи логистиката во Експанда? Како би ја опишале нејзината улога?

Логистиката во Експанда е многу повеќе од оперативна функција. Таа е стратешки двигател на бизнисот кој ги опфаќа сите клучни процеси од планирање и набавка, до складирање, пакување и транспорт. Ние сме последната точка пред производот да стигне до клиентот, но во исто време и првата точка што носи одговорност. Особено затоа што најголем дел од нашата работа е со тутунски производи, каде што секоја грешка може да влијае на синџирот, на партнерите и на довербата што ја градиме.

Нашиот сектор работи рака под рака со секторите на продажба и финансии. Без таа синхронизација не може да има стабилност. Во суштина, логистиката е местото каде што сите бројки, планови и предвидувања мора да се претворат во реалност. Логистиката е нервниот систем на една компанија, ако таа не функционира, ништо не функционира.

Како изгледа едно типично планирање на залихи кај вас?

Планирањето на залихи е можеби делот што бара најмногу аналитика и интуиција во исто време. Работиме со продажни прогнози, со податоци за парични текови, со достапен магацински простор, но и со искористеност на транспортот. Треба да го фатиме „ритамот“ на пазарот и да одлучуваме паметно – не премногу, не премалку.Секоја одлука мора да биде интелигентна, не смееме да планираме по инерција

Кога се работи со производи кои се високо регулирани, како во нашиот случај, прецизноста станува клуч. Секоја залиха што стои предолго е ризик, секоја што недостасува – уште поголем. Тоа е динамика која бара постојана концентрација.

Колку модерните технологии го менуваат начинот на работа?

Масовно. Инвестицијата во современ ERP софтвер ни даде нешто што логистиката го бара по дефиниција. Денес ги имаме секоја ставка, секоја количина, секое движење документарно-покриени во реално време. Ова е посебно важно за прехранбените производи, каде што контролата на условите за складирање е критична.

ERP-то ни овозможи ефикасност, но уште поважно,сигурност – тоа е алатка без која денес не може да се работи. Кога системот знае сè, можете да планирате, да предвидувате и да реагирате многу поумно.

Често споменувате дека човечкиот капитал е најважниот ресурс. Што значи тоа во пракса?

Ниту еден ERP, ниту еден камион, ниту една алатка не функционира ако нема добар човек зад неа. Во логистиката, тимската работа е основата на сè. Имаме луѓе со огромно искуство, со инстинкт за решавање проблеми, со смиреност во ситуациите кога секунда прави разлика.

Нашиот тим е сила. Тоа се луѓе кои знаат дека логистиката бара одговорност, дека кога нешто мора да стигне денес, едноставно мора. И таа посветеност прави разлика меѓу просек и врв.

Како го одржувате континуираното унапредување на процесите?

Тоа е суштина на нашата работа – секогаш да бараме подобро решение. Постојано осмислуваме активности што ја зголемуваат ефикасноста, што го намалуваат времето на обработка, што го поедноставуваат секојдневието на тимовите и што на долг рок ги намалуваат трошоците.
Во логистиката нема место за „ова вака се правело секогаш“. Ако не се развиваш, ти губиш.

Што ја прави логистиката во Експанда клучен фактор за конкурентноста?

Комбинацијата од три работи: внимателно управување со залихите, дигитална трансформација и посветениот тим. Тоа не гради само ефикасност, тоа гради стабилност. А стабилноста е најголемата вредност што можеме да ја понудиме како партнер. Затоа велам дека логистиката не е заднина, туку мотор што ја движи компанијата напред.

Експанда денес е силна затоа што логистиката е силна.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.