И покрај глобалниот раст на геополитички тензии, конфликти и војни, најскапите компании во првата половина на годината успеале да ја зголемат својата вредност на берзите. Кумулативната вредност на 100-те највредни концерни пораснала за 6,1% и достигнала рекордни 47,4 билиони долари, се вели во анализата.
Сепак, за разлика од претходните години, американските компании не се шампиони по раст. Нивната вредност на берзите пораснала за 5,8%, додека 19 азиски компании на листата забележале раст од 6,5%, а 19 европски компании оствариле најголем пораст – 8,8%.
Меѓу првите десет највредни компании, девет се американски, а една е саудиска – нафтената компанија Saudi Aramco, која се искачи на седмото место. Бројот на европски компании во првата половина од годинава пораснал од 18 на 19, а на азиските – од 17 на 19.
На врвот на листата се Nvidia, Microsoft и Apple. Бумот на вештачката интелигенција, кој започна пред две години, продолжува силно да ја поттикнува вредноста на технолошките компании на берзите. Иако инвеститорите стануваат сè повоздржани, сепак меѓу 100-те највредни компании се наоѓаат 25 технолошки концерни, чии вредности и оваа година растеле надпросечно – за околу 8%.
Токму во технолошкиот сектор убедливо доминираат американски компании – од 25 компании, 17 имаат седиште во САД.
Највредната европска компанија е германскиот софтверски гигант SAP, кој е на 27. место, пред холандскиот производител на чипови ASML (30. место) и данскиот фармацевтски концерн Novo Nordisk (31. место). Германскиот производител на оружје Rheinmetall, по силна докапитализација, стана петта највредна европска компанија меѓу 100-те највредни.
Најголем пад бележи европската автомобилска индустрија, која веќе со години се соочува со проблеми – големите европски автомобилски концерни веќе не се ни меѓу првите 300 на листата.
Додека американската Tesla е на 10. место, големите германски производители Mercedes-Benz, Volkswagen, BMW и Porsche заедно вредат околу 208 милијарди долари и се наоѓаат на 381., 402., 405. и 484. место.
Stellantis (француско-американски концерн) е на 738. место, а Renault дури на 1.718. место. Далеку пред сите нив, на 121. место, успеа да се пробие кинескиот производител на електрични возила BYD.
Извор: bizlife.rs