Какви се вашите размислувања за интеграцијата на вештачката интелигенција (ВИ) во суперавтомобилите?
Гледајќи на ова поедноставено, суперавтомобилите се всушност тркачки патнички автомобили. Обично имаат повеќе стотици коњски сили, аеродинамични се и имаа спортски дизајн, лесни се и елегантни, се движат со брзини над 200 милји на час, многу се персонализирани и многу скапи. Овие карактеристики ги интерпретирам како возбуда и вештина во возењето и ултимативна контрола кои на возачот му овозможуваат да се чувствува како тркач – „Аиртон Сена“ на патиштата. Некои луѓе, суперавтомобилите ги нарекуваат „играчки за богатите“, а јас ги нарекувам „Светиот грал за љубителите на автомобили“. Од друга страна, кога луѓето зборуваат за вештачка интелигенција и автомобилите, тие обично мислат на автономните возила. Ако се задржиме на тоа високо ниво, тогаш би рекол дека ВИ го „убива“ суперавтомобилот. ВИ ја одзема контролата од возачот, па така возилото не може да се доживее онака како што е замислено. Мојот ум како љубител на автомобили вели „не, благодарам“ на ВИ, суперавтомобилите се направени да се возат.
Но, вклучувајќи го инженерскиот ум и разгледувајќи ги работите малку подетално, се појавува малку поинаква слика… Низ годините, инженерските иновации и технологијата напредуваа навистина многу, така што денешните суперавтомобили се толку механички добри што талентот на возачот истекува многу побрзо од способноста на автомобилот. Со електронските системи за контрола кои се вградени во автомобилите, возачот се чувствува уште поталентиран и затоа вози поризично. Но, кога контролата ќе се изгуби, електронските системи за контрола преземаат и му помагаат на возачот да не ја „паркира“ својата гордост и радост во каналот покрај патот. Па така, можеби постои простор за ВИ системите да бидат интегрирани во суперавтомобилите, но за мене тоа треба да биде со вистинска рамнотежа, за да не се одземат возбудата и восхитот од возењето на овие автомобили, туку можеби да се зголемат.
Извор: McLaren Automotive
Дали мислите дека ВИ може да биде интегрирана во стратегијата за управување со квалитет во компанија за производство на суперавтомобили?
Ќе го земам управувањето со квалитетот на производите како пример. Уште еден аспект што верувам дека ги разликува суперавтомобилите од останатите автомобили е фактот дека тие се рачно изработени. Од она што го знам, има многу малку, ако воопшто има, автоматизација за време на процесот на изработка. Купувачите на овие автомобили се богати и влијателни луѓе кои сакаат индивидуалност и уникатност. Сите производители на автомобили трошат многу ресурси за да го разберат својот сегмент на купувачи, но верувам дека компаниите за производство на суперавтомобили одат дури и подалеку и трошат уште повеќе поради необичностите и барањата на својата клиентела. Ова резултира со дефинирање на адекватни стандарди за квалитет кои мора да се следат во текот на процесот на изработка. Ако го земам процесот на крајна инспекција како пример, веројатно сценариото ќе биде ова: повеќе луѓе ја вршат крајната инспекција на производот, што значи дека процесот е несовршен, т.е. можат да се пропуштат грешки во квалитетот, да направат неусогласени проценки – едниот мисли дека е проблем со квалитетот, другиот не мисли, итн. Ова значи дека грешката во квалитетот може да стигне до клиентот. Потенцијална иднина може да биде самоучечка ВИ на крајот од производствената линија – инспекциска комора каде повеќе камери го скенираат производот од сите агли и неуморно вршат проценки според дефинираните стандарди за квалитет и според грешките регистрирани во сите бази на податоци . Во дел од секундата на овој начин може да се открие каде се проблемите со квалитетот на производот и колку е веројатно тие да бидат забележани од клиентот. Ова може да спречи грешките во квалитетот да излезат од фабриката. Колку моќно би било ако на секоја критична точка од производствениот процес се постават повеќе самоучечки ВИ? На пример, по составувањето на каросеријата или по бојадисувањето на автомобилот, би се спречило пренесување на грешките низ производствениот процес, создавајќи можност за нивна ефикасна поправка во најсоодветниот момент. Ако се идентификува проблем со квалитетот откако производот е целосно склопен, тогаш е потребно дополнително време и напор за расклопување, поправка и повторно склопување, што создава можности за воведување нови грешки во квалитетот на производот. Затоа, онаму каде што постојат стратегии за квалитет на производот „Right First Time“ и „No Fault Forward“, вештачката интелигенција би можела навистина да помогне.
Извор: McLaren Automotive
Кои мислите дека би биле примарните предизвици и како би можеле да се ублажат?
Првиот предизвик што ми паѓа на ум е трошокот. Произведувањето на 10-20 автомобили дневно, што е вообичаена количина за суперавтомобилите, не е исто што и произведување на 1000 автомобили дневно, како што е случајот со Ford, BMW, Honda, итн. Трошокот за поставување на повеќе вештачки интелигенции низ фабриката за суперавтомобили можеби не би бил оправдан. Исто така, претпоставувам дека ВИ би користела многу податоци, кои потоа треба соодветно да се структурираат и конфигурираат, а деловните системи и нивната меѓусебна поврзаност би требало да бидат интегрирани на многу повисоко ниво за ВИ да ги користи ефективно. На пример, продажните салони ширум светот внесуваат податоци за грешки во една база на податоци врз основа на единствен критериум, која се користи на истиот начин и на производствената локација, што всушност претставува „една верзија на вистината“. Колку повеќе податоци внесувате, толку попрецизни ќе бидат резултатите од самоучечката ВИ. Во мојата едноставна перцепција, за ова да се случи ќе треба целосно обновување на системите и трансформација на бизнисот (долгорочна деловна стратегија, ИT стратегија, стратегија за управување со податоци, сајбер безбедност…), но исто така и промена на начинот на размислување и обука на вработените. Овој тип на трансформација не може да се случи преку ноќ, туку постепено и во тек на подолг период, па затоа е многу важно внимателно планирање.
Извор: McLaren Automotive
Дали има можност да се користи вештачка интелигенција во процесите на дизајнирање на производите во таква компанија?
Дефинитивно. Мислам дека „Finite Element Analysis“ поддржана со ВИ веќе се користи и таа помага во дизајнирањето на отпорноста на производот при судар, на пример. Сите производители на автомобили, особено компаниите за суперавтомобили, би се обиделе да ја намалат потребата од изработка на прототипови, бидејќи тие се многу скапи. Сметам дека моќна ВИ која го склопува автомобилот виртуелно во 3D пред инженерите или им овозможува на инженерите да шетаат околу автомобилот или да погледнат внатре во него виртуелно, е доста реалистично сценарио во последно време. Ова овозможува решавање на потенцијални проблеми во склопувањето на автомобилот уште пред да се вчита првиот автомобил на производната линија. Користењето може да се подобри со интеграција на системи кои овозможуваат вкрстено референцирање на знаењето за постоечките производи наспроти спецификациите на идните производи за да се отстранат одредени „несовршености“. Ова всушност претставува континуирано подобрување на ниво на производ.
Во однос на рамнотежата помеѓу човечката експертиза и процесите водени од ВИ во управувањето со квалитетот, дали постојат области каде што човечкиот надзор е сè уште важен?
Во светот на производството на суперавтомобили, поради она што тие претставуваат и поради барањата на клиентите, мислам дека човечкиот фактор ќе остане главната движечка сила, а ВИ ќе биде поддршка за постигнување поголема ефикасност. Во секој случај, користењето на ВИ ќе остане дел од нашата реалност, нејзината интеграција дополнително ќе се развива што значи таа ќе има влијание. Можеби некои човечки улоги ќе исчезнат, но ќе се појават нови, а тоа значи дека ќе биде потребно преквалификување и прилагодување на човекот, и секако, да научиме како да живееме со тоа.