Во овој разговор со Соња Плоча Никола, раководител на регрутации и развој на човечки ресурси во DEKRA, откриваме што го прави порталот JobLink посебен, како ја подобрува ефикасноста на процесот на регрутација и зошто е поддршка не само за компаниите, туку и за професионалниот развој на кандидатите.
Што е иновативно кај „JobLink by DEKRA“? Кои конкретни предизвици во делот на поврзување на работните позиции и кандидатите има за цел да ги реши овој портал за барателите на работа, но и за работодавачите во Македонија?
Во изминативе неколку години, пазарот на труд претрпе драстични промени, како на интернационално така и на домашно ниво. Водени од предизвиците со коишто и самите секојдневно се соочуваме како регрутери, решивме да ја создадеме платформата JobLink by DEKRA. Оваа платформа има за цел на едноставен и ефикасен начин да ги поврзе барателите на работа и компаниите кои бараат квалификуван кадар. Интерактивноста е клучен елемент кој дава можност на компаниите не само да огласат работна позиција, туку и да ги промовираат своите вредности. Платформата е прилагодена на локалните потреби и помага во пронаоѓање квалитетен кадар за компаниите, додека истовремено ги поддржува кандидатите во нивниот професионален развој со најразлични алатки достапни за сите.
Често на LinkedIn читаме поплаки од кандидати дека процесот на интервјуирање е предолг. Дали мислите дека постојат чекори кои компаниите би можеле да ги преземат за да го поедностават, и дали „JobLink by DEKRA“ е структуриран на начин за да помогне во подобрување на ефикасноста на процесот на вработување?
Поедноставувањето на процесот на интервјуирање е важно од неколку причини кои придонесуваат за подобро искуство на кандидатите и за повисока ефикасност на самите компании. Краткиот и ефективен процес овозможува побрзо да се идентификуваат и ангажираат најдобрите кандидати, што е особено важно за отворен пазар каде што талентираните кандидати може брзо да добијат конкурентни понуди. Според последните истражувања, најдобар ефект се добива од комбинацијата на скратување на фазите во процесот на регрутација и користењето на технолошки алатки. Платформата JobLink by DEKRA нуди пред сè одличен пул на кандидати и помага ефикасно да се искористи времето на регрутерите при пред-селекција на кандидатите со достапност на профили кои најмногу би одговарале на бараната позиција согласно нивните квалификации.
Извор: Приватна архива на Соња Плоча Никола
Транспарентност во огласите за работа: Дискутабилна е транспарентноста во огласите за работа, особено кога станува збор за платата. Иако е законски препорачано, не сите компании ја објавуваат оваа информација. Кој е вашиот став за вклучување на информации за плата во огласите за работа?
Вклучувањето на информацијата за плата во огласите за работа е добар начин за транспарентност и подобрување на искуството на кандидатите, особено ако компанијата може да понуди конкурентни услови. Сепак, секоја компанија треба да го пронајде вистинскиот баланс помеѓу транспарентноста и потребата за флексибилност, прилагодено на секторот и позицијата. Во последно време, брзите промени на пазарот на труд и недостигот на квалификуван кадар за одредени позиции често влијаат на флексибилноста на компаниите во однос на предвидената плата за одредена позиција. Факт е дека компаниите сè почесто ја согледуваат потребата за отворање на своите гледишта во однос на плати и систематизација и се отворени кон реално согледување на она кое кандидатот го носи како вредност, а понекогаш не е во предвидените буџетски рамки.
Што бараат кандидатите, а што компаниите: работа на далечина, хибридна или работа во канцеларија?
Кога станува збор за начинот на работа, кандидатите и компаниите често имаат различни, но и преклопени барања и очекувања, зависно од природата на работата, организациската култура и индустријата. Во последниве години, трендот на работа од дома се зголеми особено во ИТ индустријата и индустриите каде што физичкото присуство не е задолжително. Голем број од компаниите и од други индустрии се приклучија на тој модел на работа, меѓутоа на светско ниво почна да се забележува пад на продуктивноста, намалување на чувството на припадност во компанијата и губење на културата на компанијата. Во обид на зачувување на нејзините вредности и овозможување на флексибилност, се воведе хибридниот модел на работа кој во моментот е најприфатлив и најбаран од двете страни.
Многу се зборува за ‘Open to Work’ на LinkedIn: Од ваше искуство, колку е ефективна функцијата ‘Open to Work’ на LinkedIn, и дали им помага или штети на кандидатите?
Функцијата ‘Open to Work’ е алатка која е многу корисна и значително може да ја зголеми видливоста на кандидатите кај регрутерите. Сепак, ефикасноста зависи од конкретната професионална ситуација на кандидатите и од нивната желба за дискретност. За оние кои активно бараат работа и немаат потреба да го кријат тоа, ‘Open to Work’ може да биде од голема предност. Од друга страна, кандидатите кои се вработени и сакаат дискретно да го истражат пазарот, треба да внимаваат дали и како ќе ја користат оваа функција за да се избегнат несакани последици. На крајот, функцијата е ефективна ако се користи стратегиски и во согласност со целите и потребите на кандидатот.
Како гледате на пазарот на труд во Македонија, во што треба да се инвестира?
Во моментов се соочуваме со сериозни недостатоци на квалификуван кадар во секој поглед. Сè почесто квалитетниот кадар заминува надвор од државата, а оние кои остануваат се чувствуваат немотивирано. Треба континуирано да се инвестира во човековиот потенцијал – развојни програми, тренинг програми и доквалификации. На ниво на компанија и општо, на ниво на пазар на труд. Достапноста на можности за развој е навистина мотивирачка. Токму затоа и ги споменав можностите и алатките кои JobLink ќе ги понуди на кандидатите како поддршка во нивниот професионален развој, затоа што сепак, кои сме ние ако не го поддржуваме нашиот најголем ресурс – кандидатите. Од нас, за сите нас!