Како ги избирате брендовите со кои соработувате? Кои критериуми Ви се најважни кога разгледувате соработка?
Во селекција за бренд со кој би соработувала значајни ми се неколку фактори. Дали јас лично би го користела производот или услугата која ја нуди брендот, како и кои се вредностите на истиот. Избегнувам соработка со брендови кои не се совпаѓаат со мојот животен стил и со пораката која сакам да ја споделам со публиката.
Можете ли да споделите незаборавно искуство или кампања на која сте работеле со македонски бренд? Што го направи тоа искуство посебно за Вас?
Брендот Ozone Gold потекнува од Турција, но сопствениците веќе подолго време се Македонци. Тие беа еден од првите брендови со кои имав повеќегодишна соработка, а како најзначаен момент беше можноста да креирам пакетчиња со своја селекција на најомилени производи од брендот. Ми беше дозволено целосно да ја преземам контролата врз креативата на кутиите и искуството што би го имал купувачот кога ќе ја добие истата.
Со кои предизвици се соочувате додека соработувате со брендовите во Македонија? Како ги надминувате тие предизвици?
Од првата соработка, пред повеќе од 7 години до сега, многу се има сменето начинот на соработка и гледиштето кое луѓето го имаат кога се зборува за инфлуенсери. Еден од најчестите предизвици кои сум ги имала е очекувањето на финансиска исплата и не прифаќање на компензација. Најчесто луѓето не сфаќаат дека оваа работа е full time професија од која многу личности живеат. Исто така често слушам мислења за мојот ценовник, односно зошто би наплаќала толку малку или многу. Овие предизвици ги поминувам со тоа што сум 100% свесна која сум, кој е мојот личен бренд и кои се моите стандарди. Сосема разбирам доколку некому не му одговара мојот пристап, моите цени или мојот природен начин на комуникација со мојата публика. За секого има место на пазарот, па така и за секој бренд има личност која ќе одговара повеќе од некоја друга.
Според Ваше мислење, што ја прави соработка помеѓу инфлуенсер и бренд успешна? Можете ли да дадете пример за таква соработка од Вашето искуство?
Успешна соработка е доколку брендот е задоволен од содржините кои се креирани, кога инфлуенсерот е третиран како дел од тимот, времетраењето на соработка, како и кога договорот за исплата е испочитуван. Една од најзначајните точки е кога брендот го бира инфлуенсерот, бидејќи им се допаѓаат содржините кои ги креира и не очекува промена на истите за соработката која ја сакаат. Сметам дека тоа е најголема почит, и во мојот случај не соработувам со брендови кои сакаат нивната креатива да ја наметнат кај мене. Добри соработки се токму тие, каде што ми е дозволено да бидам своја и да креирам во мој стил.
Како останувате автентични и верни на Вашата публика кога промовирате производи или услуги?
Тука е важен изборот на брендови за соработка, како што напоменав погоре. Со бирањето на брендови кои лично ги користам и услуги кои јас приватно би ги употребувала, комуникацијата е природна и ненаметлива. Исто така е значајно да се запомни дека инфлуенсерот треба да оствари влијание врз публиката, а не да стане продавач. Затоа, мојот пристап отсекогаш го нарекувам индиректен маркетинг, бидејќи никогаш не сакам директно да правам некој говор или продажба кон публиката.
Која повратна информација сте ја добиле од публиката за Вашите соработки со брендовите? Како се справувате со негативни коментари?
Се разбира, за некои соработки има повеќе позитивни коментари, но тоа зависи и од стилот на содржината која се објавува. Негативни коментари не ме допираат воопшто, го знам својот идентитет и која сум, и верувам во една фраза која ја имам прочитано одамна – ако не те познаваат лично, не ги сфаќај лично, (If they don’t know you personally, don’t take it personal).
Како ја гледате еволуцијата на пазарот за инфлуенсери во Македонија во наредните неколку години? Кои трендови мислите дека ќе се појават?
Сметам дека автентичноста ќе биде движечка сила и ќе е единствен начин да се разликуваме од масата.
Кој совет би им го дале на брендовите во Македонија кои сакаат да соработуваат со инфлуенсери?
Да бидат свесни за буџетите кои ги креираат и пристапот кон инфлуенсерите. Доколку некој има публика која сакате да ја таргетирате за маркетинг цели на вашиот бренд, таа личност треба да биде исплатена. Пост или видео на платформа кај некој инфлуенсер, е исто како реклама на ТВ или билборд, а тие работи никогаш не би очекувале дека ќе ги добиете бесплатно или со компензација. Исто така, кога се селектира инфлуенсер според начинот на кој што креира содржини и како изгледа тоа визуелно, непрофесионално е брендот да очекува различен тип на содржини за соработката која ќе ја имаат.
Дали сте забележале разлики во работата со локални македонски брендови во споредба со меѓународни брендови? Кои се некои клучни разлики?
Соработките со меѓународни брендови се со детални договори и со точно дефинирани насоки. Ова некогаш може да е исцрпувачки, но е многу поефективно за двете вклучени страни.
Колкава креативна слобода обично имате кога работите со брендовите во Македонија? Можете ли да дадете пример каде што имавте значителен влез во креативниот процес?
Значителен влез имав во соработката која ја спомнав погоре и сметам дека тоа е одличен пример. Во соработувањето со македонски брендови креативната слобода варира од бренд до бренд. Сепак сметам дека сè уште сме малку конзервативни за овој тип на соработки и брендовите неретко ги мешаат линиите на класичен маркетинг со инфлеунсер маркетинг.
Колку е важно за Вас да одржувате креативна контрола врз содржината што ја произведувате за соработките со брендови?
Креативната контрола е нешто најзначајно за мене. Се работи за мојот личен бренд и сé што сум градела со години. Оваа контрола ми овозможува да го задржам мојот тон на комуникација, што е позитивно и за двете страни. Доколку комуницирам некој производ на неприроден начин, публиката веднаш би препознала дека се работи за платена реклама и би се постигнал негативен ефект.
Дали имало случаи кога сте морале да одбиете соработка поради ограничувања на вашата креативна слобода? Како се справивте со таа ситуација?
Секогаш се смеам бидејќи статистички гледано досега имам одбиено повеќе соработки отколку што сум прифатила. Верувам во квалитет пред квантитет. Сум одбила соработки од различни причини, но најчесто бидејќи се работи за брендови кои не се совпаѓаат со мојот животен стил или пак се работи за преголеми очекувања и рестрикции за мала исплата. Искрено порано ми било потешко да се справувам со вакви ситуации, бидејќи ми било страв дека нема да се појави нова потенцијална соработка. Моментално, тоа е само дел од циклусот кој континуирано се случува. Секогаш ќе има брендови кои ја ценат мојата креатива и мојот стил, и со кои ќе ми претставува задоволство да соработувам.