„Најлошиот совет што милијардерите го даваат е: ‘Следи ја својата страст’,“ вели Галоувеј во видео-серијалот на LinkedIn, The Path. „Секој што ви вели да ја следите својата страст, веќе е богат.“
Галоувеј пораснал во Лос Анџелес, како дете на самохрана мајка, во домаќинство што никогаш не заработувало повеќе од 40.000 долари годишно. Сакал да верува дека неговата страст кон спортот ќе му донесе финансиска сигурност. Но, кога сфатил дека професионалниот спорт не е негова иднина, дипломирал на UCLA и се вработил како аналитичар во компанијата Morgan Stanley.
„Брзо сфатив дека немам вештини за таа работа,“ изјави тој.
Почнал да развива нови идеи и увидел дека има повеќе наклонетост кон претприемништво отколку кон работа во големи корпорации. Во 1992 година ја основал маркетинг-компанијата Prophet, која во 2002 ја продал за 33 милиони долари, според податоците на LinkedIn.
Подоцна ја основал и истражувачката компанија L2, која во 2017 година ја купила корпорацијата Gartner за повеќе од 130 милиони долари. Неговата кариера покажува дека успехот не доаѓа од слепо следење на страста или влегување во „исплатливи“ индустрии. Клучот е во тоа да го споите она во што сте добри со она што може да носи приход и да бидете подготвени за адаптација и промени на насоките.
Клучот за успех, способноста да се издржи одбивање
„Се пријавив за 29 работни места по дипломирањето. Добив само една понуда,“ вели Галоувеј. „Клучот на мојот успех е одбивањето, поточно, мојата способност да го издржам. Зошто, ако не добиете многу ‘НЕ’, никогаш нема да дојдете до тие прекрасни ‘ДА’ одговори.
Слично размислува и генералниот директор на Mastercard, Мајкл Мибах, кој често советува младите да не се водат исклучиво од она што го сакаат кога ја бираат кариерата.
„Ми се допаѓа кога ми велите дека ја следите вашата страст, но треба да погледнете и во што навистина сте добри. Што ве издвојува?“ рече Мибах во неодамнешно интервју за LinkedIn. „Пронајдете ја пресечната точка помеѓу она што го сакате, она што е важно и она во што можете да бидете одлични па поврзете ги тие нешта.“
Препознавањето на сопствените сили не се случува преку ноќ. Понекогаш тоа подразбира неуспеси и експерименти. На пример, можеби сте биле продуцент на вести што добил отказ, па сте почнале да снимате документарци за да останете активни. Така откривате дека всушност повеќе ви одговара долгата форма и раскажувањето приказни, отколку кратките информативни прилози.
Непријатните ситуации можат да се претворат во шанса за учење, ако усвоите т.н. „growth mindset“, бидете свесни дека вештините секогаш можат да се унапредат, вели Лори Сантос, психолог и експерт за среќа од Јејл.
„Кога ќе го усвоите тој начин на размислување, полесно се справувате со неуспесите и знаете што треба да промените за да продолжите напред,“ заклучува Сантос за CNBC.
Извор: Bizlife.rs