Во Македонија, како и ширум светот, работното време често се смета за клучен фактор кој ги обликува нашите животи и социјалната динамика. Додека повеќето луѓе во земјата ги започнуваат и завршуваат работните задачи во традиционалното од 9 до 17 работно време, постои значителна група на вработени чии денови и ноќи се одвиваат според потребите на клиентите и компаниите во САД. Тоа се луѓе кои своето работно време го преместија во нетипични периоди, најчесто од 15 до 23 часот или дури од 18 до 2 часот по полноќ.
Живеј дење, работи ноќе
Овие луѓе, иако често се невидливи во секојдневниот живот, имаат работна позиција која е суштинска за многу американски компании кои ги користат нивните услуги во области како што се информатичката технологија, поддршката за корисници или други специјализирани области.
Сепак, овие работници се соочуваат со посебни предизвици и животни обрасци кои често ги исклучуваат од социјалните активности типични за оние со стандардно работно време. Нивниот животен ритам бара приспособливост, издржливост и одрекување, што често ги доведува до дисхармонија со традиционалните општествени норми и рутини.
Ова е приказна за млади личности од Македонија чие време тече во ритамот на американскиот сон и кои често се невидливи за општеството кое работи во класичните 9 до 17 часот. Од нив може да се извлечат важни лекции за приспособливоста и посветеноста, но и за прашањата за рамнотежа помеѓу професијата и личниот живот.
За WebMind зборуваат Маја (23) и Алесандар (28). Маја работи фриленс за компанија од САД, додека пак Александар е вработен во американска компанија која има канцеларија во Скопје.
Маја ни раскажува дека фриленс почнала да работи уште на почетокот на своите студии. „Тогаш тоа беа моите први baby steps на глобалните платформи кои нудат работа за фриленсери. На почетокот моите ангажмани секогаш беа кон повеќе компании, но подоцна со една од нив воспоставив одличен однос, работата со нив се зголемуваше и се фокусирав само на нив. Работата најчесто ја извршувам во вечерните и ноќните часови, и бидејќи организацијата отсекогаш ми била силна страна, генерално немам проблем да изнајдам време не само за студиите и работата, туку и за моите пријатели“.
За своите почетоци со работење за американска компанија Александар вели дека тоа биле временски ангажмани на проекти, но многу бргу една од компаниите која го ангажирала редовно, му понудила и стален ангажман во форма на вработување и тој го прифатил. „Презадоволен сум од работата и од моите резултати во оваа компанија. Веќе многу добро се познаваме, а јас мојот биоритам го адаптирав кон нивните работни часови. Работното време е од 15ч до 23ч, така да ми останува и време за редовно ноќно спиење, како и за други приватни активности во првата половина од денот“, вели Александар и додава дека можеби времето со пријателите му е ограничено на викенди, но тоа не е многу поразлично од начинот на кој живеат и неговите другари кои работат со стандардно работно време, дружбите најчесто им се одвиваат за време на викенди.
Личните приоритети и преференци одлучуваат, но и досегашното искуство!
За своите идни планови Маја вели дека сега за сега овој начин на работа и живот ѝ одговара, особено што ѝ се отвараат можности за напредување во компанијата. „Секојаш мислев дека фриленс работа е нешто што луѓето работат на одредено време, на проекти кои се краткорочни, особено кога си студент и кога ваквата работа ја гледаш само како извор на финансии. Но, во мојот случај воопшто не испадна така. Сега, на самиот крај на студиите, јас веќе две години сум во оваа компанија и напредувам на повисоки позиции. Сега за сега, наоѓам време за сé и задоволна сум, но за понатаму согласно тоа што ќе ми донесе животот, ќе решавам во иднина“.
Плановите на Александар се покретни кога станува збор за амриканската компанија: „Многу сум задоволен од моето работно место, како и од односот со колегите и претпоставените, бидејќи ние не работиме од дома, туку имаме канцеларија во Скопје. Себеси во блиска, и се надевам и во подалечна иднина, се гледам во оваа компанија, а мојата амбиција е насочена кон напредување на повисока позиција за што имам големи реални шанси. И искрено, сега за сега, работење во попладневни и вечерни часови многу повеќе ми одговара, бидејќи отсекогаш сум сакал наутро да поспијам поради што и ден денес сум поодморен и поисполнителен во однос на работните обврски кои ги носи работниот ден, а во мојот случај и ноќта“.
Искуството на Маја и Александар во работењето со нестандардно работно време ги разбива предрасудите дека тоа е исклучиво негативна состојба. Напротив, според нивното сведочење, има низа предности кои стандардното работно место не би можело да им ги понуди. На крајот на краиштата, секое работно место има и добри и лоши страни, па затоа најважно е да се знаат личните преференци и приоритети и соодветно да се процени до кој степен може да се прилагоди ритамот на животот.