Оваа состојба погодува 750 милиони луѓе и може сериозно да влијае на работата и квалитетот на животот

Ѕвонењето во ушите, состојба позната како тинитус, е еден од најчестите проблеми поврзани со слухот кој погодува милиони луѓе ширум светот. Лицата кои имаат тинитус слушаат звуци како ѕвонење, зуење, шуштење, кликање или бучење, иако во нивната околина не постои никаков надворешен извор на звук.

tinitus-6065-fi

Извор: Freepik/Magnific

Додека кај некои симптомите се јавуваат повремено и не се особено изразени, други се борат со овој проблем секојдневно. Кај потешките форми на тинитус сериозно се нарушени сонот, концентрацијата, емоционалното здравје, но и работната способност.

До овие заклучоци дојде голема систематска анализа и мета-анализа објавена во списанието JAMA Neurology, која укажува дека тинитусот е значаен јавноздравствен проблем и дека се потребни дополнителни истражувања, подобра превенција и поефикасни методи за лекување.

Што е тинитус?

Тинитусот не е болест, туку симптом кој укажува на промени или нарушувања во слушниот систем. Настанува кога лицето слуша звук без надворешен извор во околината.

Најчестите симптоми се:

  • ѕвонење или зуење во ушите
  • бучење или шуштење
  • кликање
  • пулсирачки звуци кои ги следат отчукувањата на срцето
  • високи тонови кои се јавуваат повремено или се постојано присутни

Кај некои луѓе тинитусот се јавува по изложеност на силна бучава и поминува за кратко време, додека кај други станува хронична состојба која значително го нарушува секојдневниот живот. Тој може да биде поврзан со губење на слухот, стареење, долготрајна изложеност на бучава, болести на увото, одредени здравствени состојби, но и со невролошки или психолошки фактори.

Скоро 750 милиони луѓе ширум светот живеат со тинитус

Истражувањето под наслов Global Prevalence and Incidence of Tinnitus: A Systematic Review and Meta-analysis ги анализираше податоците од 113 студии спроведени во изминатите децении. Резултатите покажуваат дека околу 14,4 отсто од возрасните, односно секој седми човек на планетата, има некаков облик на тинитус.

Врз основа на глобалната популација на возрасни, проценето е дека околу 749 милиони луѓе ширум светот живеат со овој проблем.

Разлики меѓу поединечните студии постојат бидејќи тинитусот не се мери насекаде на ист начин, некаде се испитува дали лицето некогаш во животот ги почувствувало овие симптоми, а некаде се земаат предвид само долготрајните или сериозни форми кои го попречуваат секојдневното функционирање.

Повеќе од 120 милиони луѓе имаат тежок облик на тинитус

Иако многумина успеваат да функционираат и покрај симптомите, истражувањето покажува загрижувачки податоци, околу 2,3 отсто од возрасната популација, односно приближно 120 милиони луѓе, патат од сериозен и тежок облик на тинитус.

Кај нив оваа состојба може директно да влијае на:

  • квалитетот на сонот и несоницата
  • способноста за концентрација
  • продуктивноста и работниот учинок
  • емоционалното и менталното здравје
  • вкупниот квалитет на животот

Поради ова, на голем дел од овие луѓе им е потребна стручна медицинска помош и долгорочни стратегии за ублажување на симптомите.

Ризикот значително расте со годините

Еден од најјасните заклучоци на истражувањето е дека зачестеноста на тинитусот се зголемува со возраста. Процентот на застапеност изнесува:

  • 9,7 отсто кај лица на возраст од 18 do 44 години
  • 13,7 отсто кај лица меѓу 45 и 64 години
  • дури 23,6 отсто кај постарите од 65 години

Научниците сметаат дека причина за ова се природните промени на слухот поврзани со стареењето, долгогодишната изложеност на бучава во текот на животот и други здравствени фактори кои почесто се јавуваат во подоцнежните години.

Анализата не покажа значајни разлики меѓу мажите и жените. Тинитусот се јавува приближно поддеднакво кај двата пола, иако индивидуалните фактори на ризик можат да бидат различни.

Зошто е ова важно за вработените и работодавците?

Иако не постои универзален лек за тинитус, симптомите можат да се ублажат со различни пристапи од слушни помагала и звучна терапија (бела бучава), преку психолошка поддршка, па сè до лекување на примарните здравствени проблеми кои го предизвикуваат.

Бидејќи тешкиот облик на тинитус директно влијае на концентрацијата и продуктивноста, тој претставува предизвик не само за здравствениот систем, туку и за самото работно опкружување.

Иако не можат да се спречат сите случаи, експертите препорачуваат неколку едноставни мерки за заштита на слухот:

  • избегнување на долготрајна изложеност на премногу гласна бучава
  • користење заштитни тапи за уши во бучна работна средина
  • правење редовни паузи при долго користење на слушалки
  • навремено реагирање на промените во слухот и посета на лекар доколку симптомите потраат

Подоброто разбирање на механизмите зад тинитусот, развојот на нови терапии и подигнувањето на јавната свест ќе бидат клучни за подобрување на квалитетот на животот на стотици милиони луѓе кои секојдневно живеат со непрекинат звук во ушите.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.