Медитативно (таи чи) одење е нов велнес тренд – еве како да почнете

Таи Чи (попрецизно Таи Чи Чуан) е древна кинеска боречка вештина, која денес се практикува како облик на медитативно движење. Континуираниот след на свесни движења ги поврзува телото, умот и здивот, придвижувајќи ја животната енергија (chi) слично како во јогата.

tai-chi-5678-fi

Извор: Lummi

Преку движењата и дишењето, текот на енергијата се насочува низ природните канали, носејќи ментална смиреност и бројни други предности. Во последно време на социјалните мрежи е многу популарно „Таи Чи одењето“ медитативно одење, поедноставно од комплексните вежби, а исто така многу благотворно.

Осовременувањето на древните источни практики обично доаѓа во скратена верзија – погодна за брзиот начин на западниот живот. Сепак, и во своите прилагодени варијанти, древните практики го носат неопходното забавување и фокусирање на сегашниот момент. Таи Чи одењето е особено практичен облик на движење, бидејќи не бара физичка подготвеност, ниту посебни услови и опрема. На овој метод му се припишува подобрување на рамнотежата, функцијата на зглобовите и менталното здравје.

Што е всушност Таи Чи одење

Таи Чи одењето ги комбинира филозофските и психолошките принципи на Таи Чи со одењето, со цел да се создаде рамнотежа и сила, да се зголеми кондицијата и да се намали стресот. Медитативниот дел од оваа практика овозможува истражување на умот, телото и духот.

Оваа практика е одличен начин за подобрување на држењето на телото и телесната самосвест. Ги опушта зглобовите, го отстранува притисокот од рацете и нозете, овозможувајќи фокус на движењето и реагирањето во акција и прилагодување во согласност со тоа.

Таи Чи одењето е исто така облик на вежбање со мал интензитет и е погодно за секого. Не бара некое почетно ниво на кондиција и физички способности и е целосно прилаготливо на вашите цели. Без оглед на тоа дали сакате да ослабете, да се рехабилитирате по болест или повреда, да ја подобрите кондицијата или да останете активни во зрелите години оваа практика е одличен и пријатен избор.

Смерници за Таи Чи одење за почетници

Поставете реални цели

Таи Чи одењето е прилаготливо за сите способности, па почнете со поставување на достижни цели за оддалеченоста, траењето и зачестеноста. Одредете ја својата цел (опоравување, подобрување на кондицијата, одржување на активноста) и постепено зголемувајте го вежбањето. Тоа ќе ви овозможи да останете доследни.

Почнете полека

Како вежба со мал интензитет, Таи Чи одењето се фокусира на рамнотежата, држењето на телото и контролираното движење, а не на брзината. Почнете со благ темпо и обрнете внимание на тоа како вашето тело се движи и реагира. Како што вашата кондиција и самодоверба растат, можете да го забрзате темпото на одење.

Облечете се комотно

Иако за овој вид вежбање не ви е потребна посебна опрема, сепак е важно да изберете адекватна облека и обувки. Не мора да носите кимоно и платнени еспадрили, но облечете нешто комотно и обујте лесни патики кои ви овозможуваат стабилност и удобност.

Изберете ја вистинската околина

Безбедната и удобна околина исто така ќе ви го олесни фокусирањето на движењето, држењето на телото и целокупното искуство, особено кога штотуку почнувате. Шетањето надвор или на лента за трчање нудат еднакви придобивки, а за да останете истрајни, изберете го она што повеќе ви одговара. Доколку имате некој кој сака да ја испроба оваа практика заедно со вас, меѓусебната поддршка е идеална.

Фокусирајте се на дишењето

Контролираното дишење е клучно за Таи Чи одењето, бидејќи помага да ги поврзете умот и телото, поттикнува опуштање и го намалува стресот. Умот го контролира телото, а здивот го контролира умот. За да ги постигнете кардиоваскуларните, свесните и духовните предности, фокусирајте се на дишењето исто толку колку и на техниката на одење.

Здравствени предности од Таи Чи одењето

Го поправа држењето на телото

Фокусот на тоа како телото се движи помага во исправање на држењето и поттикнува поефикасно, поприродно движење. Движењата стануваат помеки и попрецизни и телото постигнува природен склад.

Помага во губење на тежината

Иако овој вид вежбање не е интензивен и напорен, тој е одличен начин за губење на вишокот тежина. Таи Чи одењето е позахтевно од обичната прошетка или брзото одење, па затоа повеќе придонесува за согорување на калориите.

Го намалува напрегањето на зглобовите

Техниката на одење помага во опуштање и мобилизација, правејќи го движењето поудобно и попријатно. Телото го „памети“ ова чувство и постепено го интегрира во секојдневното движење, носејќи долгорочно олеснување за зглобовите.

Ја подобрува рамнотежата и стабилноста

Инспириран од принципите на Таи Чи, методот на одење исто така поттикнува подобра сила на долниот дел од телото, како и подобра координација, рамнотежа и стабилност. Резултатот е севкупно подобрување на телесната самосвест, гипкоста и рамнотежата. Тоа е особено корисно во позрелите години, кога телото ја губи спретноста, бидејќи овозможува постабилно движење, намалувајќи го ризикот од падови.

Таи Чи одењето го намалува стресот

Свесниот, медитативен аспект, во комбинација со контролираното дишење, помага во смирување на умот и намалување на стресот. Секој облик на медитација го постигнува тоа, а поврзано со движењето, Таи Чи одењето носи двојни предности.

Ја зголемува општата кондиција и сила

Како вежба со мал интензитет, може дополнително да ја подобри издржливоста, физичката сила и општата кондиција без прекумерно оптоварување на телото. Преку контролираното движење кое телото го доживува како пријатност, а не како оптоварување, видливо можете да ги подигнете кондицијата и силата.

Помага во рехабилитација и опоравување

Таи Чи одењето е пристапно и прилагодливо, што е особено погодно ако целта ви е опоравување. Без разлика дали се опоравувате од болест или повреда, ова одмерено и нежно ангажирање го поддржува процесот на опоравување и енергијата на самолекување со која располага секој.

Ја поттикнува врската помеѓу умот и телото

Она што најмногу му недостига на западниот стил на живот е поврзаноста. Кога секојдневно сте растргнати на илјада страни, постојано сте „надвор од себе“. Поврзувањето на умот и телото е најголемата потреба на современиот фрагментиран начин на живот. Приземјувањето во себе, во своето тело и ум и во сегашниот момент ја зголемува севкупната самосвест и ја поддржува менталната и физичката рамнотежа.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.