На овогодишната конференција The Economist Meet Up во Скопје, финансискиот експерт Раде Ракочевиќ сподели интересна перспектива за тоа како берзата – преку движењето на одредени акции – го навести реизборот на Доналд Трамп многу пред официјалните резултати.
Во разговор со модераторот Бора Миљановиќ, Ракочевиќ објасни дека внимателното следење на пазарните сигнали може да открие трендови што на прв поглед изгледаат невидливи за јавноста. Според него, уште од септември, акциите на одредени компании, попознати како „Трамп акции“, започнале значително да растат.
„Тие акции беа поврзани со индустрии што имаа најголема корист од политиките на Трамп – енергетиката, технологијата и одбраната. Од друга страна, кинеските компании забележаа пад, што беше индикатор за потенцијалната промена во политиката на САД кон Кина“, објасни Ракочевиќ.
Интересно, додаде тој, сигналите од берзата навестуваа дека одредени држави, како Пенсилванија, ќе бидат клучни за резултатите.
„Мојот син, кој внимателно ја следеше политичката ситуација, забележа дека обидот за атентат врз Трамп во Пенсилванија ќе остави силен впечаток кај гласачите. Тој веруваше дека Пенсилванија ќе гласа за Трамп, а берзанските движења го потврдија ова“, сподели Ракочевиќ.
Берзата, вели тој, реагира многу побрзо и попрецизно на глобалните промени од било кој друг индикатор. „Таа е како кристална топка – сигналите што ги испраќа се јасни за оние што знаат каде да гледаат“, нагласи тој.
Според Ракочевиќ, за инвеститорите, политичката стабилност и предвидливоста се клучни фактори што ја насочуваат нивната стратегија. „Изборот на Трамп значеше намалување на даноците за американските компании, што веднаш ги подигна акциите на големите корпорации. Ваквите сигнали, ако се читаат правилно, можат да бидат исклучително корисни за секој што се занимава со инвестирање“, истакна тој.
Извор: The Economist MeetUp
Инвестирањето како начин на предвидување
За Ракочевиќ, берзата не е само место за профит – таа е алатка за разбирање на иднината. „Во време на избори, финансиските пазари реагираат побрзо од медиумите. Ако сакате да знаете што ќе се случи, погледнете ги акциите и нивното движење“, додаде тој.
Инвестирањето, според него, е уметност што бара трпение, знаење и подготвеност за учење. „Берзата е најдобриот прогнозер на глобалните настани, но само ако знаете како да ги читате нејзините сигнали“, заклучи Ракочевиќ.
Овој увид е уште една потврда дека економијата и политиката се тесно поврзани, а пазарите често го знаат исходот пред сите нас.