Центрите за податоци во Ирска трошат повеќе струја отколку сите градски домаќинства

Во центрите за податоци во Ирска, во 2023 година било потрошено повеќе електрична енергија отколку во сите домаќинства во градовите.

irska-1886-fi

Извор: Freepik

Овие податоци предизвикуваат загриженост дека растот на побарувачката за обработка на податоци, поради развојот на вештачката интелигенција (ВИ), би можел да го доведе во прашање постигнувањето на климатските цели.

Според официјалните податоци на Ирската агенција за статистика, центрите за податоци потрошиле 21% електрична енергија, што е за една петтина повеќе во однос на претходната година.

Ова е првпат центрите за податоци да потрошат повеќе струја отколку сите градски домаќинства, чијшто удел во вкупно потрошената енергија во 2023 година бил 18%, пренесува Гардијан.

Поради нејзината политика на низок корпоративен данок, во Ирска се сместени европските седишта на бројни мултинационални технолошки компании, вклучувајќи ги гигантите како што се Google, Apple и Facebook.

Експертите се загрижени дека изненадниот раст на побарувачката за електрична енергија, предизвикан од сѐ поголемиот број центри за податоци, би можел да го осуети постигнувањето на климатските цели во Ирска и ширум Европа.

Компанијата Google соопшти дека поради своите центри за податоци би можела да ги одложи зелените цели, бидејќи минатата година ги зголемила вкупните емисии за 48% во споредба со 2019 година.

Пораст на побарувачката за обработка на податоци

Порастот на побарувачката за обработка на податоци поттикнат од неодамнешниот пробив на ВИ би можел да доведе до тоа центрите за податоци во Ирска да трошат околу 31% електрична енергија во следните три години, според Националниот енергетски и климатски план.

Со тоа би била надмината побарувачката за електрична енергија во урбаните и руралните домаќинства во Ирска, кои во 2023 година заедно сочинувале 28% од вкупната побарувачка за електрична енергија.

Тоа би создало притисок врз технолошките компании да вложуваат повеќе во развојот на сопствени извори на обновлива енергија.

Минатата година Ирска произвела над 50% електрична енергија од фосилни горива, од кои 45% се произведени во гасни постројки, а остатокот со согорување на јаглен, тресет или нафта.

Ветерната енергија имала удел од 34,6% во производството на електрична енергија, а соларната енергија 1,2%.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.