Истражувањето, спроведено од консултантската компанија KPMG UK, утврди дека 22% од испитаниците имале проблеми со плаќањето со картички и мобилни телефони во изминатите шест месеци. Од нив, 68% сега постојано носат готовина со себе.
Повеќе од половина од испитаниците, односно 53%, користат готовина барем еднаш неделно. Претходната година нивниот удел изнесуваше нешто повеќе од 47%.
Малку повеќе од половина од испитаниците на возраст од 18 до 24 години и 58% од оние над 55 користат готовина најмалку еднаш неделно.
Нешто помалку од половината испитаници, или 44%, изјавиле дека последната трансакција ја платиле со дебитна картичка. Приближно една четвртина од испитаниците изјавиле дека користеле кредитна картичка, а 20% ја подмириле сметката со готовина.
Извор: Pixabay
Само еден од единаесет испитаници, или 9%, рекле дека користеле дигитален паричник за физички плаќања, според истражувањето што во октомври го спровел OnePoll, опфаќајќи 2.000 испитаници низ Обединетото Кралство.
Одделно истражување спроведено меѓу експерти за плаќање во финансиски компании и трговци покажало дека во изминатата година нешто повеќе од две третини од компаниите одлучиле да ги подобрат своите системи за плаќање или веќе вовеле соодветни промени, објави KPMG UK.
„Black Friday е посебно важен период кога станува збор за практичноста, стабилноста и безбедноста на плаќањата и е потсетник колку е витална отпорноста на платежната инфраструктура во Обединетото Кралство за потрошувачите, фирмите и економијата,“ изјави менаџерот за плаќања на KPMG UK, Питер Хармстон.
„Имајќи предвид дека повеќе од половината млади возрасни лица користат готовина барем еднаш неделно, јасно е дека готовината треба да се заштити и да се понуди паралелно со другите методи на плаќање,“ заклучува тој.
Извор: Bizlife.rs