ОН: Во отпад завршуваат повеќе од милијарда исправни оброци секој ден

Во светот, секој ден во 2022 година повеќе од милијарда исправни оброци биле фрлени во ѓубре, соопштија од ОН. Поголемиот дел од овој отпад настанува на ниво на домаќинствата. А решението е можеби поедноставно отколку што мислиме – потребно е да се направат помалку конфузни ознаките за датуми на храната, пишува Business Insider.

hrana-vo-otpad-1215-fi

Извор: Freepik

Отворете го вашиот фрижидер и ќе најдете еден куп различни фрази: „рок на траење до – best by“, „да се употреби пред – best before“, „да се продаде до – sell by“. Има напори да се поедностават овие ознаки и да се едуцира јавноста за да престанеме да фрламе сосема добра храна. Тоа можеме да го започнеме уште денес.

На пример, пред да фрлите млеко со ознака „рок на траење до“ април 2024, прво помирисајте го. Голема е веројатноста дека е добро за пиење или за мешање во смути.

Само во американските супермаркети постојат речиси 60 видови ознаки за датум на храна и пијалаци, но малку кои нудат корисни информации за квалитетот или безбедноста. Големиот број различни пораки ги збунува потрошувачите децении наназад и се проценува дека токму тие се одговорни за околу 7% од 78 милиони тони храна што се фрла низ САД.

„Потрошувачите придаваат поголемо од потребното значење на ознаките за датум,“ вели Тори Ото, соработник на Харвард. „Не постои федерална регулатива за ознаките за датум. Тоа е мрежа на регулативи кои варираат од држава до држава или се остава на производителите да одлучат која формулација ќе ја користат.“

Со разјаснување на овие недоумици кои ги внесува оваа разноликост во означувањето може да се избегне непотребното фрлање на храна, луѓето да заштедат пари и да се помогне во справувањето со климатската криза. Домаќинствата се одговорни за поголемиот дел од отпадот од храна, а Министерството за економија на САД проценило дека просечното четиричлено семејство годишно губи околу 1500 долари поради неискористена и фрлена храна. Во меѓувреме, распаѓањето на храната придонесува за околу 58% од емисиите на метан во депониите.

hrana-vo-otpad-1215-ps1

Извор: Freepik

Во анкета спроведена во 2016 година, повеќе од една третина од Американците навеле дека обично ја фрлаат храната кога е блиску до датумот означен на пакувањето.

Околу триесетина членови на Конгресот го поддржале Законот за означување на датум на храната од 2023 година, кој би барал од производителите да ги користат само ознаките „најдобро ако се употреби до“ и „да се употреби до.“ Законот, исто така, има поддршка од 26 големи трговци и брендови, вклучително Whole Foods, Amazon, Kroger, Walmart и Nestlé – компаниите потпишале писмо до конгресмените, поттикнувајќи ги да го усвојат законот.

Како еден од аргументите се наведува дека намалувањето на отпадот од храна е начин за компаниите да напредуваат во своите цели за одржливост.

Индустријата веќе доброволно се обидела да ги поедностави ознаките за датуми на храната. Kroger во 2019 година најави дека ќе ги прикажува само ознаките „да се употреби до“ и „најдобро ако се употреби до“ за да комуницира безбедност и квалитет на млечните производи, во делот за деликатеси, пекарата и делот за свежи и замрзнати производи. Walmart неколку години порано направи сличен чекор за својот приватен бренд. Но, со оглед на тоа колку сè уште се користат ознаките, јасно е дека е потребен национален стандард.

Како е во Македонија?

Според Извештајот за индексот на фрлена храна на ОН, иако Македонија е сиромашна земја, нивото на фрлена храна е како во развиените земји. Секој поединец во земјава, во просек фрла околу 83 килограми храна годишно, покажува Извештајот за индексот на фрлена храна на Обединетите Нации од 2022 година.

Домаќинствата се одговорни за најголемиот дел од отпадот од храна во светот – околу 60% од храната што се фрла на годишно ниво. Комерцијалните системи за храна, исто така, значително придонесуваат за отпадот, при што услугите за храна сочинувале 28% од отпадот, а малопродажбата околу 12% во 2022 година, според најновите податоци. Овие бројки исклучуваат дополнителни 13% од храната што се губи во синџирот за снабдување со храна.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.