Добредојде во ерата кога модата веќе не е само „што носиме“, туку „како живееме“. А некаде помеѓу желбата за ново ленено беж палто и глобалната еко-криза, брендови како Massimo Dutti го прават најлогичниот чекор: те охрабруваат да си ја донесеш ќесата од дома. Впрочем, тоа е најмалку што може да направат.
Не, не е револуција. Но е еволуција.
#BringYourBag: Мал гест, голема приказна
Извор: Massimo Dutti newsletter
Во време кога сè повеќе модни брендови ја глумат Грета Тунберг и се колнат во одржливост, Massimo Dutti тивко го менува системот одвнатре. Нема драми, нема експлицитни слогани, туку јасна идеја: ако носиш торба за повеќекратна употреба, си дел од промена.
Во 2024 година, потрошувачката на хартиени ќеси во продавниците на Inditex (групацијата зад Massimo Dutti, Zara, Bershka и останатите) се намалила за повеќе од 50%.
Да, над пола од клиентите носат сопствени торби. Секојпат кога некој ќе купи ќеса, парите одат за реални проекти:
- заштита на екосистеми со WWF
- пристап до чиста вода со Water.org
- поддршка на регенеративно земјоделство со Conservation International
Шопингот добива димензија на активизам. Додека сѐ уште го држи адреналинот на добар попуст. Во меѓувреме милиони парчиња облека завршуваат на заборавените брегови на Гана, но за тоа во друга тема. Conscious consumerism, darling!
Сторителингот како новата haute couture
Модата одамна не е само за стил – таа е за став. За вредности. И за приказната што брендот ја раскажува.
Inditex не е единствен што го сфаќа тоа.
Patagonia ги поттикнува купувачите да не купуваат ново, туку да ја поправат старата јакна.
Stella McCartney веќе две децении работи без кожа и крзно, со транспарентна одржливост.
Gucci ги следи јаглеродните емисии на секоја колекција и издава ESG извештаи.
Брендот не ти зборува за одржливост, тој те прави дел од неа, без пасивна агресија и без „зелено перење“.
Извор: Massimo Dutti screenshot
Дали можеш да ја испереш вината со памук од одржливи извори?
Не, но можеш да почнеш со тоа што нема секогаш да земаш нова ќеса. Можеби звучи банално. Но вистината е: мала навика + добра приказна = голема промена.
Massimo Dutti тоа го прави со стил. Без „зелено перење“. Без маркетинг histrionics. Само суптилно, доследно и со торба што има повеќе од една намена.