Позната како „Студена Месечина“, оваа е навистина посебна. Поради реткиот 18,6-годишен циклус наречен „Големо лунарно застојување“ (Major Lunar Standstill), оваа Месечина ќе се искачи повисоко на небото отколку која било друга полна Месечина годинава во северната хемисфера. Месечината повторно нема да достигне ваква екстремна височина сè до 2042 година.
Овој настан исто така го претставува големото финале на „Супермесечевата трилогија 2025“. Во склад со своето име, Студената Месечина пристигнува токму во моментот кога температурите ширум светот нагло паѓаат.
Супермесечините не се толку ретки, обично ги има три или четири годишно, но невообичаено е да се појават три по ред; четири ако го броиме и првиот полн месец во 2026 година. Тие настануваат кога Месечината е „во перигеј“. Тоа значи дека полната Месечина се поклопува со нејзината најблиска точка до Земјата во орбитата, па затоа изгледа поголема и посветла на ноќното небо.
Полната Месечина настанува кога Сонцето и Месечината се наоѓаат на спротивните страни од Земјата – во порамнување познато како „сизигија“ – така што целата страна на Месечината свртена кон нас е целосно осветлена.
Додека Месечината изгрева, ќе формира триаголник со ѕвезденото јато Плејади и сјајната ѕвезда Алдебаран. Јупитер исто така ќе се појави на ноќното небо блиску до Месечината, како и зимското соѕвездие Орион, Ловецот.
Зошто се вика Студена Месечина?
Секоја полна Месечина во годината има свое име. Ова е пракса што потекнува од древни традиции, векови пред да постои Грегоријанскиот календар.
Полните Месечини историски се именувале за да се следи текот на годишните времиња и често го одредувале времето на активности како што се лов, жетва и садење, кога силната месечина можела да биде од корист.
Декемвриската полна Месечина е позната како Студена Месечина и го означува почетокот на зимата, бидејќи се појавува блиску до зимската краткодневица. Позната е и како Месечина на долгите ноќи и Месечина пред Јул(от).
Следната полна Месечина, во сабота на 3 јануари 2026 година, се нарекува Волчја Месечина – и ќе биде уште една супермесечина.
Извор: odrzime.rs