За многу припадници на помладите генерации, добриот сон повеќе не е само потреба туку важен дел од грижата за здравјето, изгледот и секојдневното функционирање.
Што е Sleepmaxxing?
Sleepmaxxing подразбира низа навики и ритуали чија цел е да го подобрат квалитетот на сонот. За разлика од трендовите кои бараат големи инвестиции, овде фокусот е на создавање идеални услови за одмор и закрепнување на организмот.
Приврзаниците на овој тренд обрнуваат внимание на времето на одење на спиење, температурата во просторијата, количината на светлина, вечерната рутина, па дури и на изборот на постелнина и перници.
Идејата е едноставна: колку е сонот поквалитетен, толку телото и умот функционираат подобро во текот на денот.
Зошто генерацијата Z е опседната со квалитетниот сон?
Генерацијата Z порасна со паметни телефони, социјални мрежи и постојана достапност до информации. Токму поради тоа многу млади сè повеќе ги чувствуваат последиците од дигиталниот замор, стресот и преоптовареноста со содржини.
Sleepmaxxing се појави како одговор на таквиот начин на живот. Наместо продуктивноста да ја ставаат пред здравјето, припадниците на оваа генерација сè почесто избираат рамнотежа и закрепнување.
Денес не е необично да се види содржина на социјалните мрежи во која инфлуенсерите ги споделуваат своите вечерни рутини, препораки за подобар сон или начини на кои го намалуваат времето поминато пред екраните.
Добриот сон како најдобар beauty третман
Една од причините за популарноста на Sleepmaxxing трендот е и неговото влијание врз изгледот на кожата.
Во текот на сонот организмот минува низ процеси на регенерација, обновување на клетките и производство на колаген. Поради тоа експертите често истакнуваат како квалитетниот сон може да придонесе за посвеж изглед на кожата, намалување на подочниците и поздрав тен.
Не е случајно што меѓу љубителите на wellness сè почесто може да се слушне изразот „beauty sleep“. Многумина сметаат дека ниту еден скап козметички производ не може да го надомести хроничниот недостиг на сон.
Како изгледа Sleepmaxxing рутината?
Иако не постои универзално правило, повеќето луѓе кои практикуваат Sleepmaxxing се придржуваат до неколку основни навики:
Одење на спиење во исто време
Редовниот ритам на спиење му помага на организмот полесно да заспие и да се разбуди одморен.
Помалку време пред екраните
Сината светлина што ја емитуваат телефоните, таблетите и компјутерите може да го отежне успивањето и да го намали квалитетот на сонот.
Пријатна средина за спиење
Темна, тива и прогладна просторија се смета за идеално опкружување за одмор.
Вечерен ритуал на опуштање
Читањето книга, лесната медитација или шолја билен чај често се дел од рутината која му помага на телото да се подготви за сон.
Дали е Sleepmaxxing минлив тренд?
За разлика од бројните вирални трендови кои брзо исчезнуваат, Sleepmaxxing се заснова на навики кои експертите со години ги препорачуваат. Токму затоа многумина веруваат дека не станува збор за краткотрајна интернет сензација, туку за промена во начинот на размислување.
Во време кога стресот, забрзаното темпо на живот и константната поврзаност станаа секојдневие, квалитетниот сон сè повеќе се набљудува како еден од најважните фактори за добро здравје и квалитет на животот.
Sleepmaxxing покажува дека wellness не мора секогаш да подразбира скапи третмани и комплицирани рутини. Понекогаш најефикасниот начин да се чувствуваме подобро е токму оној наједноставниот доволно сон.
Генерацијата Z ја препозна важноста на одморот и закрепнувањето, претворајќи го квалитетниот сон во нов симбол за грижа за себе. А ако се суди по растечката популарност на овој тренд, се чини дека добриот сон уште долго ќе остане една од најпосакуваните wellness навики.
Извор: wannabemagazine.com