Освежувањата што можете да ги направите во декорот, вклучувајќи ги и новите и нештата што веќе ги имате, можат да ви отворат нова перспектива во градењето на личниот стил. А кога еднаш ќе го оформите, ќе знаете точно што сакате да земете од некој нов тренд и да го примените во својот дом.
Пролетни трендови во декорот во новата сезона
Брановидни детали
Овој тренд постои веќе извесно време, но како што се приближува пролетта, брановидните линии се насекаде. Совршен за секој што ја сака естетиката на „grandmillennials“, овој декоративен момент носи разигран, женствен допир на сите видови мебел, предмети и материјали. Испробајте го овој брановиден тренд на декоративните перници, вазните, постелнината, па дури и на парчиња мебел, за да му додадете малку хировитост на својот дом оваа пролет.
Пролетни трендови во декорот – кариран дезен
Карираниот дезен е еден од оние дезени за кои се чини дека се појавуваат секоја пролет. Едноставно делува толку разиграно и свежо, совршена енергија која ги комбинира разиграноста и организираноста.
Излезете од црвено-белиот кариран модел оваа пролет и размислете за понежни, пастелни и неутрални тонови. Пронајдете карирани дезени во путер жолта, нежно сина, беж, жад зелена. Декоративните перници и постелнината се наједноставниот начин да го внесете овој дезен, но можете да додадете и малку кариран модел на паспарту за слики, чаршафи, завеси и мебел.
Пруги во тон
Пругите се испробан класик во секое време од годината и во сите области на дизајнот. Сепак, во последно време можете да видите забавен пресврт на овој безвременски дезен во облик на смели комбинации на бои во тон.
На предметите како декоративни перници, чаршафи, мебел, па дури и на ѕидовите, обоените пруги додаваат чувство на разиграност кое е во целосна согласност со максималистичкиот тренд кој преовладува оваа година. Можете да изберете урамнотежени силни и нежни нијанси од иста боја, или дури и спротивставени тонови, како лаванда и зелена, за посмел и поразигран пролетен декор.
Пролетни трендови во декорот – вретенест мебел
Долго време со трендовите на мебел доминираа елегантните линии и стабилните ногарки во модерен стил од средината на векот. Преовладувачките трендови на рустикален стил или „vintage“ дизајн сега ги презема многу потрадиционален стил – од викторијанската ера.
Вретенестиот стил го карактеризираат витки ногарки во стил на спирала или монистра, што им дава посебен антички шарм на столовите, масичките, креветите. Можете да ја опремите спалната соба во тој стил, или да внесете само една масичка со вретенести ногарки во дневната соба. Прекрасно ќе се вклопи со другите брановидни елементи, како абажур за лампа, вазна или прекривка со карнери.
И можете да сметате на тоа дека оваа „нова мода“ никогаш нема да ја напушти сцената.
Слики со мртва природа
Ако вашиот простор го красат пејзажи или апстракција, размислете за оживување на галерискиот ѕид со модерни слики на мртва природа. Ако помислувате на темна позадина, корпи со исполирано овошје и светкави пехари – па, темата е иста, но пристапот не е.
Овие современи прикази често се со јаки бои, со елементи како чаши за вино, садови, овошје и други прехранбени производи. Разиграни се и забавни, совршени за внесување малку живот и боја во вашиот простор.
Пролетни трендови во декорот – столни ламби
Додавањето лампа е проверен трик за создавање атмосфера и оживување на секој простор. Поиграјте си оваа пролет со вообичаените места за ламби. Наместо во аглите и на ноќните масички, размислете за поставување симпатична лампа на масичката за кафе, на работната површина во кујната, на полицата за книги. Невообичаените места за дискретно и весело осветлување што го даваат ламбите, внесуваат димензија на разиграност во вашиот дом.
Изборот на местото каде што ќе ги ставите ламбите не мора да зависи од близината на приклучоците или продолжните кабли. Големиот избор на безжични ламби ги олеснува нештата, слатки се, разновидни и претставуваат забавни додатоци каде и да ви е потребно дополнително светло.
Извор: wannabemagazine.com