Некои луѓе не сакаат да чекаат да бидат принудени да ги напуштат своите домови и веќе размислуваат да се преселат во некоја од земјите за кои се вели дека ќе бидат најмалку погодени од климатските промени во иднина. Кои се најдобрите места за живеење кои најмалку се (ќе бидат) погодени од климатските промени? Излегува дека ова прашање не е лесно да се одговори. Во игра се неколку фактори како поволната географска локација, напорите на земјата да ги ублажи последиците од климатските промени и адаптацијата на тие промени. Имајќи ги предвид овие три категории, на веб-страницата Earth.org се истражува кои земји се најдобрите.
Географски фактор
Во трудот објавен од Универзитетот Anglia Ruskin во Велика Британија се идентификувани пет земји кои поради нивната почетна позиција имаат поволни услови да бидат помалку погодени од последиците од климатските промени. Тоа се Нов Зеланд, Исланд, Велика Британија, Австралија и Ирска. Резултатите се базираат на анализа која вклучува просечна големина на населението, изолација и самодоволност.
Сите овие земји, освен Велика Британија, имаат помалку-бројно население, многу земјоделско земјиште и директен пристап до морињата. Тоа значи дека тие се богати во однос на ресурсите за храна. Во однос на изолацијата, овие пет земји се главно одвоени од густо населените територии. Според студијата, овие изолирани заедници веројатно ќе бидат таканаречени „чамци за спасување“ бидејќи глобализацијата се менува кога температурите растат, предизвикувајќи економска депресија и социјални немири. Затоа, во едно најлошото сценарио се претпоставува дека изолираните земји најверојатно ќе бидат помалку погодени од економската и социјалната нестабилност.
Конечно, во однос на самодоволноста, овие земји генерално имаат многу обновливи извори на енергија, како и необновливи извори, што го покажува нивниот голем потенцијал да бидат енергетски независни.
Ублажување на климата
Според Индексот на ефикасноста на климатските промени (CCPI), објавен од независна агенција за мониторинг, првите три земји кои предничат во заштитата на климата се скандинавските Данска, Шведска и Норвешка. Индексот одредува колку напори прави една земја за да ги намали емисиите на стакленички гасови, колку прифаќа обновливи извори на енергија, дали ја користи енергијата ефикасно и одговорно…
Интересно е што оние земји со најголема географска предност не се рангирани особено високо кога станува збор за напорите за ублажување на климатските промени. Всушност, Австралија е оценета многу лошо и е една од најлошите во светот, бидејќи нејзината климатска политика не е во согласност со Парискиот договор (што сите мораме да го почитуваме за да избегнеме климатска катастрофа).
Климатска адаптација
Јапонија е четврта најпогодена земја од климатските промени, пред сé поради честите земјотреси и цунами, но индексот ND-GAIN, кој ја покажува ранливоста на една земја од климатските промени и подготвеноста за подобрување на отпорноста, ја става Јапонија на 17-то место меѓу најдобрите во светот.
Со други зборови, Јапонија најверојатно ќе се соочи со сé потешки последици од климатските промени, но сепак е подобро подготвена да се прилагоди и да закрепне. И нордиските земји – Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска – се во првите 10 на индексот ND-GAIN. Тие не се директно засегнати од климатските промени, но се изложени на потенцијален ризик од покачувањето на нивото на морето, при што главната работа е што имаат потенцијал да се прилагодат на климатските промени.
Тие се пример дека не мора да се напушти родната земја поради климатските промени, под услов да се работи на спречување и зачувување на природата. На крајот на краиштата, не е лесно да се каже кои се најдобрите места за живеење ако сакате да ги избегнете климатските промени, бидејќи сè зависи од влијанието на тие промени. Ако сте оптимисти за тековните активности за запирање и прилагодување на климатските промени, нордиските земји се вашата најдобра опција. Од друга страна, за оние кои попесимистички настроени, изолираните земји кои се самодоволни се веројатно подобар избор.
Извор: Odrzime.rs