Враќањето на култниот „Hannibal“ и суперхеројската сатира „The Tick“; продолжението на романтичната вестерн приказна „Ransom Canyon“; оригиналните наслови како „Little House on the Prairie“, „The Hawk“ и корејската фантазија „The East Palace“ јули носи разновиден избор за секој вкус.
Новите Netflix серии во јули
Worst Neighbour Ever
Месецот започнува со нова документарна true crime серија која се занимава со една од најнепријатните животни ситуации: соседите кои секојдневието го претвораат во кошмар. Ова е продолжение на успешниот серијал кој започна со насловот „Worst Roommate Ever“. Овој пат, фокусот е на вистински приказни за конфликти меѓу соседи кои прераснуваат во сериозни злосторства.
Серијата е креирана од Синтија Чајлдс, а продукцијата е на Џејсон Блум од студиото Blumhouse Productions (познато по „M3GAN“ и „Insidious“). Во текот на четири епизоди, гледачите ги очекуваат автентични сведоштва, полициски снимки и играни реконструкции кои ја засилуваат напетоста.
Little House on the Prairie
Еден од најишчекуваните проекти на Netflix ова лето е целосно новата адаптација на славните романи на Лора Ингалс Вајлдер. Приказната нè враќа во Америка на крајот на 19 век и го следи семејството Ингалс во нивните напори да изградат живот на фарма во Минесота. Ова ново читање носи современ пристап, со повеќе историски реализам и емоционална длабочина, а не обична копија на култната серија од седумдесеттите. Главните улоги ги толкуваат Алис Халси, Лук Брејси и Крозби Фицџералд.
The Tick
По неколку години отсуство, на платформата се враќа комплетната играна верзија на суперхеројската комедија „The Tick“ со двете сезони. Главната улога ја толкува Питер Серафинович (познат по гласот на Дарт Мол во „Star Wars: Episode I“). Серијата е сатиричен поглед на светот на суперхероите, исполнета со апсурден хумор и пародија на востановените клишеа во жанрот, поради што ужива култен статус меѓу фановите.
The Hawk
Една од најголемите оригинални премиери доаѓа во форма на спортска драмедија со Вил Ферел во главната улога. Ферел го игра Лони „The Hawk“ Хокинс, некогаш најголемата ѕвезда на професионалниот голф. Наместо пензија, поранешниот шампион одлучува да се упати во уште еден обид за освојување голем турнир, со што го компликува животот на сите околу него. Покрај Ферел, во екипата се и Моли Шенон, Џими Татро и Форчн Фимстер.
The East Palace
По огромниот глобален успех на корејските серии, Netflix премиерно ја претставува фантастичната драма „The East Palace“. Дејството го следи ловецот на духови и една дворска дама кои ги здружуваат силите за да ја ослободат Источната палата од зли сили и да ги разоткријат скриените тајни кои му се закануваат на кралството. Главните улоги ги играат Чо Сеунг-ву, Нам Џо-хјук и Ро Јун-сео. Ракoшната продукција ветува еден од најголемите К-хитови за годинава.
The Walking Dead: Daryl Dixon (Сезона 3)
Љубителите на постапокалиптичниот универзум конечно ќе можат да ја погледнат третата сезона од spin-off серијата за Дерил Диксон. Норман Ридус и Мелиса Мекбрајд (Керол) по настаните во Франција пристигнуваат во разурнатиот Лондон, а по доживеаниот бродолом завршуваат во Шпанија. Оваа сезона носи поинаков визуелен идентитет и атмосфера инспирирана од шпагети-вестерните.
Ransom Canyon (Сезона 2)
Инспирирана од романите на Џоди Томас, оваа романтична вестерн драма во текот на 2025 година оствари солиден успех на платформата. Новите епизоди се сместени шест месеци по настаните од првата сезона. Ранчерот Стејтен Киркланд (Џош Духамел) се обидува да ја поврати контролата врз семејниот ранч, додека музичарката Квин О’Греди (Минка Кели) мора да избере помеѓу иднината во малото тексашко гратче или Њујорк.
Hannibal
Крајот на месецот го одбележува враќањето на една од најценетите психолошки крими-серии на деценијата. Сите три сезони пристигнуваат на Netflix. Мадс Микелсен го толкува легендарниот Hannibal Lecter, додека Хју Денси го игра криминалистичкиот профилер Вил Греам. Серијата се потпира на длабока психологија на ликовите и со текот на времето стекна статус на ремек-дело на трилер жанрот со едно од најдобро оценетите ТВ финалиња.
Извор: easylife.rs