Незаборавна сметка, незаборавна порака

Сме виделе многу - кампањи со милионски продукции, со познати лица, со визуелна гласност. И потоа доаѓа нешто како „The Unforgettable Account“ - и те потсетува дека за да имаш навистина голема порака, не ти треба ништо, освен совршено едноставна идеја.

smetka-4372-fi

Извор: Freepik

Кампањата е реализирана од агенцијата RG2/FCB од Венецуела во 2015 година, за Венецуелската фондација за Алцхајмерова болест (Fundación Alzheimer de Venezuela). Што е идејата? Да се отвори банкарска сметка составена исклучиво од нули – 0000‑0000‑00‑0000000000 – број кој никој нема да го заборави. А токму тоа е суштината на болеста со која фондацијата се бори: заборавањето.

Има нешто длабоко трогателно во едноставноста на таа комуникација. Не е тоа само број. Тоа е симбол на празнина, на тишина, на исчезнување… но и на надеж – дека ќе се сетиме да помогнеме. Да донираме. Да не заборавиме.

Како професионалец што се занимава со комуникација, не можеш да не се запрашаш:

  • Колку често ги комплицираме работите?
  • Колку пати мислиме дека „повеќе е повеќе“- наместо да се вратиме на суштината?

Оваа кампања е потсетник дека најсилното оружје на една порака не се боите, анимациите и слоганите – туку вистинската намера. А кога таа намера ќе биде испратена преку совршено едноставен формат, ефектот е двојно поголем.

Во свет на заборав, тие создадоа број што никој не може да го заборави. И го направија тоа – со нула врева, а максимум ефект.

Вистинско ремек-дело.

Дигитален стратег со фокус на веб, SEO и содржина што носи резултати

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.