Дизајн бриф и дизајн истражување – што му треба на клиентот, а не што сака

Во секој сериозен креативен процес – без разлика дали зборуваме за брендирање, дигитален производ, кампања или веб-страница – постојат два документи што ја определуваат судбината на проектот: дизајн брифот (design brief) и дизајн истражувањето (design research).

dizajn-4379-fi

Извор: Freepik

Тие не се административна формалност, туку стратегиски алатки што го дефинираат зошто, како и што ќе се создаде.

Што претставува дизајн бриф?

Design brief е синтетизиран документ што ги содржи:

  • Целите на проектот/задачата
  • Обемот на работа и очекуваните испораки
  • Временски рамки и рокови
  • Ограничувања и барања
  • Буџетски рамки
  • Вредности и насоки на брендот
  • Критериуми за успех

Добриот бриф е патоказ, а не само опис на задачата. Тој е алатка за усогласување на сите страни, воедно тоа е клучна почетна точка да му дадеме на клиенотот тоа што му треба, а не тоа што го сака.

Што претставува дизајн истражување?

Design research е систематски процес на собирање информации со цел да се разбере:

  • Проблемот кој треба да се реши
  • Потребите, “маката” и “болките” на корисниците
  • Пазарниот контекст и конкурентската слика
  • Трендовите и технолошките можности
  • Визуелните и комуникациските референци

Методите можат да бидат квалитативни (интервјуа, фокус групи, етнографија) или квантитативни (анкети, анализа на податоци, тестирања). Најважно е, истражувањето да обезбеди докази, наместо претпоставки, врз база на кои ќе се носат заклучоци.

Важноста на дизајн брифот според практиката

Во индустријата често се вели: „Без добар бриф, сами сте си клиент“. Кога нема јасни насоки:

  • Тимот троши време на ревизии и недоразбирања
  • Се создава фрустрација и кај клиентот и кај дизајнерите
  • Крајниот резултат често не ги исполнува очекувањата

Клучни придобивки од добар бриф:

  1. Јасност – сите знаат што, зошто и за кого се работи.
  2. Фокус – се елиминираат непотребни идеи и се насочува енергијата кон релевантни решенија.
  3. Ефикасност – помалку ревизии и побрзо донесување одлуки.
  4. Мерливост – проектот може да се оцени објективно според однапред дефинирани параметри.

Како истражувањето го обликува брифот, или/и обратно

Истражувањето е гориво, а брифот е карта.
Најуспешните проекти се оние каде:

  • Одлуките за целната публика, тоналитетот и визуелниот стил се базираат на податоци
  • Брифот се надополнува со конкретни примери и конкурентски анализи
  • Се прави итеративен процес: новите сознанија од истражувањето постојано го подобруваат брифот

Петте W на еден ефективен бриф

Многу експерти користат едноставна, но моќна рамка:

  • Who – Кој е клиентот и кој е корисникот?
  • What – Што точно треба да се испорача?
  • Why – Зошто проектот е важен?
  • When – Кои се клучните рокови?
  • Where – Во кој контекст/канал ќе се користи решението?

Овој модел го намалува ризикот од пропусти и недоразбирања, но и уште поважно заедно со доброто истражување ни креира позиција да му предочиме на клиенотот решение кое му е потребно и од кое ќе има резултати.

Колку детали се доволни?

Нема универзален одговор, некои проекти бараат детален бриф со технички спецификации, бренд насоки, wireframes, некои moodboards. Други може да започнат со пократок документ кој подоцна се надополнува. Клучно е да има доволно информации за тимот да не работи во темница, но и да остане простор за креативна слобода.

Улогата на клиентот

Успехот зависи од активната вклученост на клиентот:

  • Клиентот обезбедува информации, реагира на истражувањето и го одобрува финалниот бриф
  • Одлуките за приоритети, буџет и обем на работа се носат врз основа на споделени податоци
  • Преку брифот, клиентот станува партнер во креативниот процес, а не само „нарачател“

Брифот станува динамичен документ

Во сложени проекти, брифот не е финален на почетокот. Тој е „жив документ“ кој се ажурира со секое ново сознание од истражувањето, тестирањето или пазарните промени. Оваа флексибилност овозможува подобра адаптација и намалување на ризикот.

Заклучок

Дизајн брифот и дизајн истражувањето не се административни формалности, туку неопходни предуслови за квалитетен дизајн и успешен проект. Брифот обезбедува јасност, фокус и мерливи цели, додека истражувањето нуди факти и податоци што ја заменуваат интуицијата со докази. Заедно тие создаваат рамка во која креативниот тим може да работи ефикасно, да носи информирани одлуки и да испорача решенија што навистина одговараат на потребите на клиентот и корисниците. Најдобрите резултати произлегуваат тогаш кога клиентот активно учествува и кога брифот останува жив документ што се адаптира според новите сознанија. Со тоа, дизајн процесот станува стратешки, структуриран и ориентиран кон резултати – токму она што е потребно за вистинска вредност во креативните индустрии.

Креативен и бизнис-ориентиран визуелен и продукт-дизајнер со страст за создавање иновативни решенија. Ужива во развој на концепти кои балансираат помеѓу естетска привлечност и практична употребливост за непречено корисничко искуство.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.