Оваа заедница од околу 70.000 жители со децении ја носи титулата „најзелен град во Европа“. Тоа не е случајност, тука одржливоста не е тренд, туку дел од идентитетот што се гради уште од 1970-тите.
Уште во 1996 година, градскиот совет едногласно одлучил Векшо (Växjö) да стане првиот град во светот што ќе се обврзе на живот без фосилни горива, со фокус на обновлива енергија и одржливо планирање. Денес овој план е уште поамбициозен -градот си постави цел за целосна климатска неутралност до 2030 година, дури 15 години пред националниот рок на Шведска. Зошто зелената агенда е толку важна за жителите и посетителите?
Подобар квалитет на живот за локалната заедница
Жителите на Векшо живеат во град каде природата е оддалечена само неколку минути пешачење. Повеќе од 99% од греењето доаѓа од обновлива енергија, претежно од биомаса, што значи многу почист и поквалитетен воздух во споредба со повеќето европски градови. Велосипедски патеки, пешачки зони, енергетски ефикасни дрвени згради и пристап до езера прават секојдневието поудобно, поекономично и поздраво, пренесува TU Magazin.
Безбедна и предвидлива еко-дестинација за туристи
Патниците сѐ почесто избираат места што нудат здрава околина и одржливи активности, а Векшо е токму таква дестинација. Градот има мрежа на патеки за прошетка и рекреација, езера погодни за капење и спортови, музеи посветени на природата и модерна нордиска архитектура. Јавниот превоз и велосипедите се достапни и едноставни за користење, па посетителите можат да ја откријат целата област речиси без да ја нарушат природата.
Инспирација за модерни патници и дигитални номади
Векшо е интересен и за оние што сакаат да видат како изгледа „градот на иднината“ – дрвени станбени населби, одржливи училишта и универзитети, паметни енергетски мрежи и градски проекти базирани на заедничка одговорност. Тоа го прави идеален за подолг престој, „зелени“ конференции или тематски патувања.
Клучни факти што го издвојуваат Векшо во Европа
- Повеќе од 99% од топлината потекнува од обновливи извори (биоенергија)
- Емисиите на CO₂ по жител се намалени за над 50% од 1990-тите
- Благодарение на одржливото планирање, повеќето жители живеат на помалку од 300 метри од зелена површина
- Јавните згради и голем дел од новите станови се градат од дрво, што го намалува јаглеродниот отпечаток
- Градот е добитник на European Green Leaf Award 2018 за лидерство во одржливоста
Зошто приказната за Векшо е важна?
Векшо е многу повеќе од убав скандинавски град – тој е доказ дека транзицијата кон одржлива иднина не е резервирана само за големи метрополи. Благодарение на заедничката визија на локалната власт, граѓаните и стопанството, градот покажува дека екологијата и економијата можат да функционираат рака-под-рака.
За локалните жители, тоа значи почист воздух, побезбедни улици и пристапен живот. За туристите – место што ја чува природата и нуди современо искуство. А за светот, Векшо е доказ дека климатските цели не се само идеали, туку реалност што може да се оствари со стратегија и доследност.
Извор: odrzime.rs