Во еден момент, секој во врска се соочува со прашањето дали поврзаноста е трајна. Дали постои вистинска компатибилност што може да го издржи тестот на времето?
Хемијата прави на почетокот од врската да се чувствувате неверојатно. Полни сте со енергија, фокусирани и необично толерантни кон нешта што вообичаено би ве иритирале. Но, компатибилноста одредува дали тоа добро чувство може да трае. Кога ќе ги измешаме двете, врските што започнуваат интензивно со текот на времето можат да станат фрустрирачки, исцрпувачки или помалку задоволувачки. Можеме ли, со подлабоко разбирање на разликата меѓу хемијата и компатибилноста, да избегнеме скршено срце?
Хемија во врската наспроти вистинска компатибилност
Што е всушност хемија во врската
Кога станува збор за привлечност, биологијата игра голема улога, но хемијата е моќна и носи електричен набој. Страста и интензитетот се втемелени во физиолошки и емоционални реакции како забрзано чукање на срцето и жешки погледи. Моќно е и опојно, но најверојатно минливо.
Всушност, почетната страст речиси секогаш е привремена. Невронауката и истражувањата за врските сугерираат дека страствениот, високоинтензивен набој во врската природно опаѓа по првата година (или малку подоцна). Мозокот се прилагодува и биохемискиот налет бледее.
Овој пад на интензитетот е, всушност, механизам за контрола на стресот. Кога нивото на серотонин и кортизол ќе се вратат на почетните вредности, телото почнува да се потпира на окситоцин, наместо на допамин. Тоа ни овозможува да се фокусираме на други аспекти од животот и ја смирува опсесијата со другата личност нè урамнотежува. Зашто љубовта е комплексна мешавина од хемија (страст), интимност (длабока поврзаност) и посветеност (долгорочна инвестиција). И само кога сите три елементи се присутни, љубовта може навистина да трае.
Не ја потценувајте хемијата, но проценете ја: дали тука има љубов или ве „измами“ само хемијата (повторно)?
Компатибилноста е основата
Врската се гради од темел, а компатибилноста е тој темел. Хемијата во врската може да делува како органско сврзно ткиво, но ако недостига основата, градбата се урива.
Она на што го градите односот се однесува на практични нешта усогласување на вредности, начин на живот, стилови на комуникација, решавање конфликти, идни цели и емоционална интимност. Тоа се елементите што прават заедничкиот живот да се чувствува природно, а не како постојана борба.
Истражувањата за долготрајни врски покажуваат дека заедничките стилови на комуникација, емоционалната интимност и управувањето со конфликти се силни индикатори за задоволство и стабилност, дури и кај парови кои се заедно со децении. Партнерите кои конструктивно се справуваат со несогласувањата и делат емоционална блискост пријавуваат поголема долгорочна среќа.
Компатибилноста вклучува и подлабоко усогласување околу прашања како заеднички цели за семејството, работата и животното темпо. Без овие договори, врските се распаѓаат дури и ако искрата никогаш целосно не згасне.
Извор: Freepik
Зошто хемијата се меша со компатибилноста
Хемијата е моќна природна „дрога“ што нè подига и прави во врска да се чувствуваме поживи од вообичаено. Во мозокот, тоа силно чувство добива значење, бидејќи луѓето имаат тенденција да бараат објаснувања што го оправдуваат она што го чувствуваат. Љубовта е најдоброто објаснување ако сме толку длабоко ангажирани, тогаш мора да е вистинска љубов.
Така паѓаме во замката чувствата привремено да ги пополнуваат празнините во компатибилноста. Веруваме дека сме ја нашле сродната душа, се врзуваме и се обврзуваме. И ја повторуваме класичната приказна за пар кој сака да биде заедно, но го мрази сè друго што односот го носи. Конфликтите околу финансии, различни вредности и ставови за деца и семејство стапуваат на сцена и создаваат фрустрација, стрес, лутина и незадоволство. Љубовта, онаа со која сме влегле во приказната повеќе не е доволна и не може сè да поправи.
Тогаш се прашуваме дали воопшто било љубов и како толку сме погрешиле.
Како да ја разликувате хемијата од компатибилноста
За да ја забележите разликата меѓу страста и компатибилноста и да процените дали вашиот однос има долгорочни градивни елементи, еве една контролна листа:
Хемија во врската:
- Партнерот ви предизвикува „пеперутки“ на прв поглед
- Чувствувате емоционален налет кога ви пишува пораки
- Постои силна физичка привлечност
- Разговорите течат лесно на почетокот
Знаци на компатибилност:
- Комуницирате смирено кога работите стануваат тешки
- Вашите животни цели (семејство, пари, начин на живот) се усогласени
- Можете да замислите заедничка иднина
- Емоционалната интимност со време расте, наместо да бледее
Двата елемента се клучни. Хемијата во врската е искрата што ве прави љубопитни. Компатибилноста е горивото што го одржува огнот. Кога возбудата ќе се смири, најважно е како се однесувате еден кон друг, како ги поправате работите и како растете заедно.
Извор: wannabemagazine.com