Најмногу внимание привлекува кардинал Тагле
Според податоците за медиумската видливост и ангажираност на социјалните мрежи, кардиналот Луис Антонио Тагле од Филипините моментално е најзастапен во јавниот дискурс. Од 21. април, кога беше објавена веста за смртта на папата Франциск, неговото име забележало најмногу споменувања и генерирало најголем број на позитивни коментари и реакции од корисниците. Познат по својот современ и инклузивен пристап, Тагле се залага за поголема отвореност на црквата кон ЛГБТ популацијата, што му донесе поддршка од либералниот дел на верниците, но и предизвика критики од страна на конзервативците, според податоците на аналитичкиот сектор на компанијата Represent Communications.
Веднаш зад него, според популарноста, се наоѓа италијанскиот кардинал Пјетро Пароли, актуелниот државен секретар на Ватикан, кој веќе години наназад се смета за „сива еминенција“ на црковната дипломатија. Паролин важи за прагматичен кандидат, со длабоки врски внатре во римската курија и силна поддршка од италијанското лоби.
Извор: DELL-E3
Третиот кандидат е Питер Турксон од Гана, кој би бил првиот црн папа во историјата на Римокатоличката црква. Неговото име носи силен симболичен набој, особено во контекст на глобалниот пораст на католицизмот во Африка. Иако моментално има помалку медиумски спомнувања, неговата репутација во црковните кругови, како и претходната позиција на чело на Дикастериумот за интегрален човечки развој, го прават сериозен кандидат.
Четвртиот кандидат, Матео Зупи, исто така Италијанец, познат е по блискоста со движењето Sant’Egidio и ангажманот за помирување и мировни преговори. Иако има поскромно присуство на интернет во споредба со другите, Зупи ужива углед меѓу реформаторските кругови во Ватикан и има значајна поддршка во Италија.
Конклава е строго регулиран процес на избор на нов папа, кој ги собира сите кардинали помлади од 80 години. Се одржува во Сикстинската капела зад затворени врати, каде што кардиналите се изолираат додека не постигнат двотретинско мнозинство за избор. Секој ден се одржуваат до четири рунди на гласање, а светот добива сигнал – црн дим од димњакот означува неуспех на гласањето, додека белиот дим најавува дека нов папа е избран. Процесот започнува денес на 7 мај во Ватикан
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, почина на 21 април по долго боледување. За време на својот понтификат, тој остави длабок траг преку своето залагање за сиромашните, борбата против сексуално злоставување и отворениот дијалог со верниците ширум светот. Неговата смрт отвора ново поглавје во историјата на црквата, како и прашањето дали новиот папа ќе продолжи со патот на реформите или ќе тргне по конзервативен правец.
Извор: bizlife.rs